Во Кривичен продолжува судењето за случајот „Онкологија“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Онкологија“, кој се води против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓоргева од ОЈО - Скопје.
На минатото рочиште, на предлог на одбраната, беше сослушано вешто лице Владимир Даниловски. Одговарајќи на прашања од одбраната, Даниловски појасни дека предмет на неговата анализа не бил изборот на онколошка терапија, туку утврдување на евентуалните последици од медицинските постапки.
- Предмет на ова вештачење не беше избор на најдобра можна онколошка терапија, туку судско-медицинска постапка на последиците од применето лекување. Мојата задача беше да утврдам дали постои конкретно докажана штета, дали дошло до влошување на здравствената состојба како последица на терапијата, дали терапијата го забрзала фаталниот исход и дали постои медицински докажана причинско-последична врска меѓу конкретна лекарска одлука и конкретна последица - изјави вештакот.
Тој нагласи дека кај ваквите случаи не е доволно да се утврди отстапување од упатствата за дозирање или примена на лековите.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози - Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија - Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
МИА
Ново на Сител
-

Лани двајца со западно-нилска треска, годинава досега 50 потврдени и 5 починати
-

Кога “договорците” во здравството ќе добијат решенија за работа?
-

Почна втората фаза на изгрaдбата на автопатот Скопје – Блаце
-

Реакции за изградбата на дата центри во Македонија
-

Министерот Сали позитивно гледа на изјавата на еврокомесарката Кос за проширувањето
-

Истражување: Деца од 12 до 17 години жртви на сексуална експлоатација преку интернет
-

А1 Mакедонија одбележува седум години со роденденска понуда за своите корисници
-

Преглед на вестите од светот
