Македонија
26. August 2026 - 16:31

Истражување: Деца од 12 до 17 години жртви на сексуална експлоатација преку интернет

Едно до 10 деца во Македонија на возраст од 12 до 17 години било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба преку интернет.

Ова го открива извештајот на меѓународниот истражувачки проект „Disrupting Harm“ (деструктивна штета) за злоупотреба на деца преку дигитални технологии. Најчеста форма било изложувањето на сексуална содржина без согласност, како и барањето, децата да испраќаат интимни фотографии или видеа. Документот кој денеска беше презентиран, проценува дека на ниво на државава, од овој тип злоупотреба, засегнати се околу 12 илјади деца.

Според истражувањето скоро 80 проценти од сторителите биле лица од опкружувањето на децата.

Најчесто, злоупотребата се случувала преку Инстаграм, СнепЧет и ТикТок. Последиците од сексуалната експлоатација преку интернет, според надлежните биле сериозни. Децата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат, и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања. Иако скоро 90 проценти од децата кои биле опфатени со истражувањето, на некого кажале што им се случило, само еден процент тоа го пријавиле во полиција.

Од УНИЦЕФ предупредуваат дека големата разлика меѓу бројот на деца кои доживеале злоупотреба и бројот на оние кои пријавиле, укажува дека најголем дел од случаите остануваат сокриени. Срамот, стравот и заканите од сторителите, според нив, ги спречуваат децата да побараат помош.