Македонија
26. August 2026 - 16:54

Лани двајца со западно-нилска треска, годинава досега 50 потврдени и 5 починати

Тројца сомнителни на западно-нилска треска кои се хоспитализирани на Инфективна ги чекаат лабораториските анализи а шестмина од заразените поради сериозните компликации се на одделот за интензивно лекување. Министерот за здравство информираше дека од 50-те досега потврдени случаи на вирусот, 25 веќе се на домашно лекување.  Освен од Скопје, вчера имаше и прв заразен од Куманово кој е во тешка состојба а епидемиолошката анкета треба да покаже кој дел од течението на Пчиња е можен извор на заразата.

- Издадовме ажурирано упатство за лекари на одредени клиники и за матични лекари да свртиме внимание на пациенти со имуносупресивна терапија кои можат да бидат проблематични случаи со западно нилска треска и посебно внимание кај нив бидејќи тестот може да биде лажно негативен и ќе требаат неколку тестови и анализи за докажување на вирусот, изјави Сашо Клековски, министер за здравство. 

Лани истиот период имало само 2 случаи на западно нилска треска, а годинава потврдени се 50 што е исто како вкупниот број на потврдени во претходните години. Здравствентие власти велат дека не може едноставно да се објасни ваквата циркулација на вирусот, ниту пак кога ќе заврши епидемијата.

- 33-тата недела имавме 11 случаи, оттогаш бројот ете опаѓа, вели Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ. 

Од денеска на јавноста и е достапна и интерактивна мапа на која освен состојбата со заболени, означени се и местата кои се најризични за ширење на вирусот. Има 34 потенцијални легла на комарци во 9 општини од кои 13 се високо ризични. Надлежните велат дека досега по индикации имало вонредно прскање во 6 од нив а и понатаму ќе продолжат со тие активности.