Никој нема храброст да се откаже од покачената плата
Опозицијата го чека мнозинството, мнозинството ја чека Владата а Владата го чека законот. Функционерите сложно чекаат додека парите на граѓаните од овој месец им ги полнат сметките со 80% повисоки плати.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги чекаат колегите од мнозинството да поднесат предлог закон бидејќи ако го поднесат тие, се плашат дека нема да им биде прифатен.
Во СДСМ тоталнo ги игнорираат новинарските прашања на оваа тема. Иако прашавме дали пратениците на СДСМ се подготвени да поднесат нов закон за плати, владејачката партија констатираше дека нема новинарски прашања
Ако сакаат пратениците можат во еден ден да ги вратат платите во нормала, објасни поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски во отворено писмо испратено до сите пратеници.
Наместо да молчите, свикајте ад-хок координација согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание и донесете Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а службите во Собранието професионално ќе си ја извршат задачата и за неполн час ќе го изготват Законот. Ова законско решение потоа, по итна постапка можете да го донесете уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила уште веднаш – пишува Велјановски во своето отворено писмо препорачувајќи им на пратениците да ја изменат и основицата за пресметка на плата и да изгласаат фиксен износ кој ќе соодветствува на реалноста.
И додека функционерите веќе ги трошат зголемените плати, синдикатите секој одвоено протестираат за зголемувања од по 1000 денари, но и кај нив нема расположение за масовни протести. Освен организации на некои маргинални политички партии, засега нема граѓански иницијативи кои би ги извадиле луѓето на улица.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
