Македонија
14. May 2026 - 16:33

Извештајот за евентуални непотребни операции на срце нема да биде јавно објавен, Алиу го достави до Обвинителството

Девет пациенти имале неоправдани интервенции на срце. Тројцата странски експерти кои ги анализираа наодите од 13 медицински истории за кардихируршки и кардиолошки процедури ги потврдија наодите на интерната македонска комисија. Извештајот е готов, Министерството за здрвство не поднесува пријава против никој туку докумнетацијата ќе ја достави до Обвинителството и останатите надлежни институции. Азир Алиу не дефинираше кои се конкретните пропусти,  кој ги упатувал пациентите и каде биле оперирани сомнителните што беа предмет на комисиска истрага.

- Надлежните ќе треба врз основа на извештајот кој вели 9 од 13 се непотребни интервенции, што понатаму. Комисијата оцени дека, цитирам, одредени аспекти од третманот и водењето биле под  очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаеле на клиничкиот исход кај нив. Пациентите се живи и ако ги бараат извештаите ќе ги доставиме, изјави Азир Алиу, министер за здравство. 

Министерот не разграничи каде повеќе а каде помалку биле правени пропусти, дали во јавни или приватни установи. Вели сите што прават кардиохируршки и кардиолошки се предмет на извештајот. 

- Во 2018 пејсмејкер во една здравствена установа, во 2024 во друга установа коронарографија, во трета во 2024 операција и во четврта пак коронарографија. Затоа спомнав сите институции се предмет на анализа и извештајот ќе биде доставен до надлежните, вели Алиу. 

Министерот за здравство вели извештајот ќе го разгледуваат и на затворена владина седница а на останатите институции им остава да утврдат што понатаму.

- Документите што излегуваат од МЗ, од ЛКМ и од ДСЗИ кои се еден вид стручен надзор немаат тежина на вештачење, тоа е само материјален доказ. Вештачењето понатаму му помага на обвинителството да го потврди обвинителниот акт и почен судење или да го отфрли, вели д-р Александар Станков, директор на Институт за судска медицина и дел од интерната комисија.

За здравствените власти оваа деветмесечна работа на комисиите и македонската и странската им помага за промени во системот. Со Нациоанален харт тим кој и покрај ланските најави уште не е формиран, ќе се утврдува дали одредена операција на срце е оправдана.

- Целта е намалување на ризикот од компликации и да се носат колективни одлуки како би се избегнале непотребни процедури и да се намали смртноста кај пациентите, изјави Верица Стојковиќ, директор на Националниот центар за кардиоваскуларни заболувања. 

Македонската и странска комисија беа формирани лани по тврдењата на кардиологот Сашко Кедев дека во државата се прават непотребни операции на срце за профит.