Македонија
14. May 2026 - 16:32

Власта со повик до опозицијата да ја поддржи реформската агенда

Опозицијата да ја тргне дневната политика на страна и заедно со владата да покаже зрелост и конструктивност околу реформите што се клучни за државата. Шефот на дипломатијата ја повика СДСМ да ја поддржи реформската агенда и Планот за раст, особено во делот на Изборниот законик и правосудните реформи. 

- Токму тука денес е потребна политичка зрелост. Не декларативна поддршка на прес-конфереции, туку конкретна поддршка таму кадешто се носат одлуките, во институциите и во Собранието. Ова не се само обични законски измени, ова се реформи што директно влијаат кредибилитетот на државата, врз владеењето на правото и врз способноста да ги користиме можностите што ги oтвораат Фондовите на Европска Унија, рече Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Овој повик, според Муцунски има за цел ја повика опозицијата да дејствува според тоа што го зборува.

- За жал во моментот, едно говори, а со сосема спротивното го прави. Зборуваат за Европа, а не поддржуваат ниту една европска реформа, напротив, ги бојкотираат европските реформи, рече Муцунски.

Првиот човек на СДСМ одговори на повикот, иако кажа дека не успеал да ја погледне прес-конференцијата на шефот на дипломатијата. Филипче повторно вели дека власта е таа на која не ѝ одговора Македонија да се интегирира во Европска Унија.

- Кој Тимчо Муцунски го бара тоа? Тимчо Муцунски кој со своето доаѓање на градоначалничката позиција во Аеродром донесе една фирма која добива милионски суми, тендери близу осум. И после истата фирма ја однесе во Министерство за надворешни работи кога стана министер за надворешни работи? Тој Тимчо Муцунски прашува за национално единство? Тимчо Муцунски којшто, еве, се докажува дека бил дел од тим којшто лажел, којшто ја загрозува нашата иднина? Тој бара реформи? Европа? Не сака Тимчо Муцунски реформи и Европа, ниту Христијан, ниту бандата. Реформите се викаат уставни измени и почеток на преговори, отворање на поглавјата. Тоа е вистинскиот пат напред, нека не мачкаат очи, нека не лажат, одговори Филипче.

Во исчекување на извештајот на Европска Комисија, во Клубот на пратеници се одржа третиот состанок на Националниот консултативен комитет за реформската агенда организиран од Институтот за европска политика. Директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска вели дека во првата година реализирани се околу 40% од реформите. Според нивниот мониторинг, државата може да очекува подобар успех во извештајот за декември. 

- Знаеме и дека, од она што го чувме од Европска Комисија, очекуваме дека дел од оние чекори коишто беа заостанати ќе бидат имплементирани. Тоа што би сакала да го споменам на крајот е дека мониторингот на реформските агенди е значаен за нас, не само од аспект на следење на реформите, туку затоа што сите градиме капацитети за нов механизам којшто би требало да се применува и во идните циклуси на финансирање од страна на Европска Унија, рече Кацарска. 

Сѐ е мерливо и може да се провери како и Македонија, но и останатите земји ја спроведуваат реформската агенда, вели Штефан Холудин од Делегацијата на Европска Унија во земјава. 

- Веќе сме во средина на средина на нејзиното спроведување. Оценки досега има коишто сега се разгледуваат во Европска Комисија, ќе следи уште една оценка на постигнувањето на крајните рокови, а целта на денешниот конкретен состанок е поголемо вклучување на граѓаните и подигнување на свеста дека институциите одговорни за спроведување на реформската агенда можат да бидат повикани на одговорност доколку не се спроведува реформската агенда, рече Холудин.

До крајот на јуни Македонија треба да исполни 10 обврски. Но според најавите од Владата, со сигурност нема да бидат донесени измените на Изборниот законик поради блокадата од СДСМ, а втората е во делот на електричната енергија со која се бара државата да не обезбедува 100% струја за доминствата и за сите оние корисници од унивезалниот снабдувач. Ова Владата го правела свесно бидејќи на Илинденска 2 сметаат дека доколку се прифати оваа обврска сметките за електрична енергија ќе пораснат помеѓу 25 и 30%.