Вештачење за „Пулс“: Непрописен излез, двојно повеќе гости и диви градежни зафати во објектот
Објектот на дискотеката „Пулс“ немал ниту еден прописен излез за евакуација – иако капацитетот на просторот бил за стотици гости. Ова е еден од клучните наоди на градежното вештачење презентирано на денешното судење.
Градежниот вештак, Маријана Лазаревска, објасни дека објектот имал околу 472 квадратни метри и дека, според површината, внатрешната организација и опремата, требало да биде категоризиран како диско-клуб, а не кабаре.
Максималниот дозволен број гости бил 363, а ноќта кога се случил пожарот, во објектот имало над 600 луѓе.
„Сериозен пропуст, кога во објектот имало над 600 посетители, согласно минимално техничките услови и правилникот за заштита од пожари, објектот, немал доволно излези, односно имал нула прописни излези за евакуација“
Според вештачењето, освен главната, објектот имал уште две врати, но тие не можеле да се сметаат за функционални излези. Задната врата била заклучена, па посетителите биле насочени кон летечката двокрилна врата.
Таа не ги исполнувала условите, наместо над четири метри, нејзината широчина изнесувала помалку од два метри. Вештаците велат дека токму таму се создало критичното тесно грло бидејќи вратата немала доволен капацитет за евакуација на толкав број луѓе.
Но, според вештачењето, проблемите не биле создадени само во ноќта на пожарот. Тие се таложеле со години, уште од пренамената кога објектот предвиден за магацин прераснал во угостителски локал. Во објектот биле изведени челични конструкции, преградни ѕидови, шанкови, сепаре и други интервенции. За нив, како што посочи Лазаревска, немало соодветна проектна документација, стручен надзор и контрола на квалитетот.
„Сите тие зафати биле изведени на диво, без проект, без стручна лиценцирана фирма, без надзор, без проверка на квалитет, без анализа од архитекти, градежни инженери.“
Градежното вештачење анализирало и документацијата од обвинетата фирма „Венци проект“ за пренамена на магацинот во угостителски локал.
Вештаците оценија дека документот не може да се смета за основен проект според Законот за градење и дека не бил поднесен во општината за одобрение. Тоа пак не било пречка за државниот пазарен инспектор и полицијата да ги користи како официјални документи за издавање на лиценцата за „Пулс“.
Планот не предвидувал поставување сунѓер над бината, а според вештаците, токму од него започнал пожарот – неговото горење како што објаснуваат експертите е брзо, создава капки и ослободува отровни гасови. Родителите на загинатите велат дека градежното вештачење ги открило сите институционални пропусти.
За пожарот во Пулс, обвинети се 34 лица и три фирми, одговараат за тешки дела против општата сигурност.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
