Македонија
14. May 2026 - 16:32

Скопје-Софија: Муцунски ја поканил Петрова Чамова на средба

Македонската влада иницирала средба со новата влада на Бугарија за блокадите од официјална Софија на нашите евроинтеграции. Средбата ја договара министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговата колешка Велислава Петрова, и тоа за десетина дена од сега.

Муцунски се решил да ја покани Петрова и покрај непријатностите од пред неколку дена во Брисел, кога бугарската шефица на дипломатијата објави дека остварила средба со нашиот министер, иако се работело само за меѓусебно запознавање. Дополнително, нѐ нарече и „северномакедонци“, по што следуваше протестна нота од наша страна.

„За околу десетина дена сме во Шведска на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО Алијансата и, по моја иницијатива, ќе остварам билатерална, официјална средба со мојата колешка од Бугарија, каде што, меѓу другото, една од темите што ќе ја дискутираме е и темата за овие неевропски услови што ѝ се наметнуваат на нашата држава“.

- Имате ли одговор од Бугарија засега?

„Засега не... Колку и да не се согласуваме, колку и да имаме дијаметрално спротивставени ставови по различни теми, прво како луѓе, а второ како претставници на држави што делат граница и имаат клучни проекти меѓу себе, ние мораме да имаме дијалог. Тоа не значи дека дијалогот треба да значи и попустливост“, изјави Муцунски.

Опозициската СДСМ, пак, сѐ уште смета дека за европските интеграции Македонија треба да ги исполнува барањата на Брисел, а не да разговара со Софија. Филипче вели дека идентитетот бил загарантиран со Преспанскиот договор, потпишан во времето на СДСМ, но и дека власта тоа го признава, повикувајќи се на последното интервју на претседателката Сиљановска-Давкова, дека Преспанскиот договор е реалност и дека со него не се забранува терминот „македонски“.

„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет. Благодарение на Преспанскиот договор, по 27 години блокада, денес сме полноправна и рамноправна членка на НАТО. Имаме отворен пат и шанса да станеме земја членка на Европската Унија... Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, повторувам, на Европската Унија, а не на Бугарија, како што ВМРО-ДПМНЕ сака да го прикаже, не е предавство. Ние не преговараме со Бугарија. Ние преговараме со Европската Унија“, изјави Филипче. 

Претседателката Сиљановска-Давкова, пак, поддржува средби и конструктивност меѓу македонската и бугарската страна. Се дообјасни и за ставот околу Преспанскиот договор, кој според неа сѐ уште е спорен, но посочи дека тој постои и треба да биде реалност најмногу за неговите потписници, особено во коментарите за Бугарија.

„Како тие, кога отидоа со преговарачката рамка и со заклучоците, не укажаа дека таму има член седум, во кој се вели дека за оваа втора страна, Македонија, терминот „Македонија“ значи територија, но и народ со сопствена култура, јазик и историја? Тие требало да се повикаат на тоа. Кога велам дека сме обврзани да се повикуваме на реалноста, тоа важи за сите потписници... Тоа што не смеело да стане дел од преговарачката рамка и заклучоците, станало дел. Не можело да стане дел ниту според нашето национално право, ниту според Преспанскиот договор, ниту според европското право“, изјави претседателката.

И за Муцунски е несфатливо што ставовите на Софија се совпаѓаат со ставовите на главната опозициска партија и што Филипче не реагирал на користениот термин „северномакедонци“ од страна на Петрова.