Македонија
14. May 2026 - 16:33

Прв сериски убиец за фемицид во Македонија, 4 убиства и два обида за убиство

Осомничениот сериски убиец од кумановско убил четири жени, а други две се обидел да ги убие. Доказите и ексхумациите ја потврдиле серијата злосторства. 

Од Обвинителството велат дека станува збор за прв ваков случај на сериски убиец на кои жртвите му се само од женскиот пол, а зошто целел само кон жени, мотивот не го открија. Посочија на ниски побуди и користољубие без да изнесат детали.  

25 годишниот овчар од кумановско делувал по ист модус операнди, жртвите кои ги бирал биле од истиот регион во Старо Нагоричане и исклучиво жени, добро го познавал местото и жителите, бидејќи и самиот бил отаму што му овозможило и полесно да се движи.

Психијатриските вештачења утврдиле дека е свесен за постапките и дека не боледува од состојба која спречува судење. 

Кривична пријава ќе има и за докторите кои утврдиле дека дел од жртвите биле починати од природна смрт и дека немало траги на насилство, иако обдукциите подоцна покажале дека починале од насилна смрт. 

СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе и кривична пријава за сторено кривично дело „несовесно вршење на службата“ против мртвопроверителите М.С. и Д.Д. од „Општа болница“- Куманово. 

Убивал во различни периоди во 2025 и 2026 година. Првото откриено убиство беше годинава, а според истрагата се случило помеѓу 27 јануари и 12 февруари и ги поттикнало сомнежите за откривање на другите три убиства. Втората жртва ја убил помеѓу 17 и 18 јануари, а претходните две ги извршил во 2025 година, во јануари и јуни.

Сител и претходно сними сторија од преживеаната Росанка, жителка на селото Челопек, во чија куќа влегол осомничениот, почнал да ја дави и удира по главата, но успеала да се спаси. 

Во моментов тој се наоѓа во притвор, а обвинението за него би требало да е готово за еден месец.