Македонија
21. August 2026 - 16:38

Училишниот прибор ќе поевтини до 15 проценти, Владата ќе носи одлука во вторник

Ранците, тетратките, боичките и останатиот училишен прибор ќе се продаваат со попуст до 15 проценти. Министерството за економија и трговците се договорија за новата „Училишна кошничка“.
Годинава ќе се применува различен модел. Нема да има една иста кошничка за сите. Секоја продавница сама ќе си прави свој пакет, па цената ќе зависи од тоа кои производи ќе ги понуди, од нивниот бренд и квалитет.

„Кошничките ќе бидат јасно означени и поставени на видно место, со прецизно наведен состав и цени на производите. На овој начин, родителите однапред ќе имаат целосна информација за тоа што ќе содржи пакетот и која ќе биде неговата цена. Попустот до 15% ќе се пресметува директно на каса и ќе биде прикажан на фискалната сметка“, велат од Министерството за економија.

Предлогот е веќе доставен до Владата, а премиерот рече дека одлуката ќе се носи во вторник. 

„На следната владина седница во вторник ќе донесеме одлука за формирање на училишната кошничка. И мислам дека во рамките на можностите сето тоа ќе биде атрактивно и за родителите и за учениците. Така што, во вторник имаме редовна владина седницва и тоа ќе се донесе како одлука“, рече премиерот Мицкоски.

Опозицијата не очекува Владата да понуди вистинска помош за граѓаните.

„Христијан Мицкоски ниту има знаење, ниту капацитет, ниту желба да ја води државата како што треба. Човекот е заинтересиран само за себе и својата мала група на луѓе околу него, ништо друго. И од ова што го спомнува некаква кошничка, јас не очекувам ништо, заради тоа што сметам дека е повторно само некој ПР трик којшто нешто како ќе најават и на крај нема да биде ништо“, изјави лидерот на СДСМ, Филипче.

Мерката „Училишна кошничка“ се применуваше и во изминатите две години и според надлежните придонесе за заштеда до 2 илјади денари по ученик. 

Сител пресмета дека по актуелните цени, за опремување на едно прваче се потребни најмалку 5 илјади денари, но сумата може да достигне и до 10 илјади денари.

Слична бројка вчера објави и Сојузот на синдикати. Според нивната математика, за месец август ставката образование тежи нешто над 7 илјади денари.