Македонија
21. August 2026 - 16:39

Опозицијата поделена по понудата за предвремени избори

Наместо конкретен одговор и барање за предвремени избори по понудата на премиерот, политичката сцена повторно се вжешти со партиски препукувања. Политичката топка повторно е во опозицискиот двор, но таму се поделени ставовите во македонскиот и алабнскиот блок. СДСМ не прифаќа да бидат алиби за изборно соочување на власта. 

ДУИ пак го прифаќаат предизвикот и бараат итно распишување на избори. Фрлената ракавица на интегративците до ВРЕДИ за распишување на избори, засега не доби одговор. 

Поминаа 24 часа од барањето за предвремени парламентарни избори. Од Влен сè уште ниту збор. Оние што го погазија легитимитетот, сега се кријат штом ќе се побара да го измерат пред граѓаните. ВЛЕН знае дека ја немал и ја нема поддршката на Албанците. Знае дека неговата власт се потпира врз милоста на политичките падрони и врз газењето на слободниот глас. Ако добиле дозвола, нека ги прифатат предвремените избори, велат од ДУИ.

Власта обвинува дека СДСМ е единствената опозициска партија која не бара избори бидејќи се свесни дека ќе ги изгубат.

Со месеци СДС и нејзиниот формален претседател Филипче, преку соопштенија и прес-конференции велат дека граѓаните не веруваат во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дека рејтингот им пораснал, дека се спремни за избори, но кога ќе се споменат предвремени избори, одма молк. СДС и Филипче знаат дека на следните избори кога и да бидат, ќе доживеат дебакл и ќе бидат доведени под 100 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ има јасен став. Нашата цел се редовни избори во 2028 година, но доколку опозицијата побара, нема да се колебаме, ќе распишеме предвремени избори веднаш и ќе ги победиме како никогаш порано.

Албанскиот владин партнер засега без конкретен одговор за избори, но им порачаа на ДУИ дека ја имаат изгубено битката со Албанците, а изборите ќе го запечатат нивниот крај.

Во ДУИ добро знаат дека пред неполна година Албанците со глас ги исфрлија од сите општини со албанско мнозинство и дека секое ново соочување со граѓаните за нив значи уште една шлаканица. На следните избори граѓаните ќе ја довршат работата и ова нереформирано раководство, кое функционира како политбиро, ќе го испратат право во политичка пензија, реагираат од ВРЕДИ.

Реакциите следуваат по изјавата на премиерот Мицкоски дека власта е подготвена за избори ако опозицијата ги побара.