ПЕТ-скенот повторно во функција, ќе се снимаат по десет пациенти дневно
Пациентите со онколошки заболувања конечно можат да ја направат за нив клучната дијагностичка метода во државното здравство, наместо да плаќаат околу 1300 евра во приватните болници. По четири недели застој, ПЕТ-скенот повторно е во функција со увезени радиоизотопи од Турција. За да не се создаваат прекини додека се чека домашниот циклотрон, се преговара за испорака и од Бугарија.
Застојот настана поради недостиг на специфично масло за дифузионата пумпа на циклотронот дефект предизвикан од некористење на протоколот за редовно одржување во изминатите години. Набавката доцнеше бидејќи ова масло се користи и во воената индустрија, за што беа потребни посебни дозволи за транспорт. За да се скрати долгата листа на чекање што се создаде во меѓувреме, планот е дневно да се снимаат по девет до десет пациенти.
Пред дефектот годинава беа извршени околу 1100 снимања, а со засилено темпо се очекува бројката до декември да достигне до 2300 снимки. Иако овој апарат се користи и во неврологијата, во моментот апсолутен приоритет за термини имаат онколошките и хематолошките пациенти.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
