Loading Video...
Македонија
21. August 2026 - 16:39

Во Скопје детектирани 13 високо ризични места за ширење на западно-нилскиот вирус

Случаи со западнонилска треска се регистрирани и во централните градски подрачја. По жители на Центар, заболен е пријавен и во Чаир. Бројот на инфицирани достигна 43 лица. Половината се на болничко лекување на Инфективна. Вирусот е детектиран и кај угинат гавран на кејот на Вардар во близина на центарот на Скопје. 

Во главниот град се лоцирани 34 ризични места, од кои 13 се со висок ризик за ширење на заразната болест преку комарци или птици. Станува збор за канали за наводнување, повеќето во Скопско поле и ископи на песок со застоена вода.

- И она што го лоциравме се уште неколку видови на висок ризик што претходно не биле земени во предвид: тоа се септичките јами. Значи улиците и населените места со голем број на септички јами влегуваат во висок ризик. Гробишта – поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив. И третата група се отпади за стари гуми или генерално старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците. Нормално, ова е тоа што е видливо и тоа е веројатно помалиот дел. Многу поголемиот дел се невидливите работи или малите работи – расипани хидранти, саксии со цвеќе надвор што се чуваат, стари буриња со дождовница и така натаму. Значи, ризикот е застоена вода, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Токму на мапираните места како можен извор на заразата деновиве ќе се се врши теренско прскање против комарци, ова било договорено на координацијата помеѓу градоначалниците на засегнатите општини и надлежните институции во министерството за здравство. 

Годинава теренската дезинсекција во градот Скопје е почната на почетокот на јуни поради доцнење со тендерските постапки што е случај и години наназад, а според ентомологот од ЦЈЗ Скопје прскањето треба да биде порано.

- Сметам дека и ларвицидната и адултицидната треба порано да се почнува и да се опфати многу поголема површина, рече Николина Соколовска, ентомолог од  ЦЈЗ Скопје.

Како поука од епидемијата министерот за здравство смета дека треба да се промени системот на набавка на препаратите, да има регионализација на пристапот за прскање, но и повеќе пари.

- Да се направи зеадничка јавна набавка наместо на 1 тоа да биде на 3 години, рече Клековски.

Само во август од западнонилска треска починаа 4 повозрасни лица. Претходните 15 години имаше 54 заболени и 5 смртни случаи.