Македонија
22. April 2026 - 13:53

Собранието ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат законските измени за укинување на техничката влада

Со 67 гласа „за”, 13 „против“ и ниту еден воздржан Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура. 

Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски во образложението пред пратениците истакна дека  преодната, односно техничката влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше за цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси. Ваквиот модел, како што рече, произлезе од политичките договори постигнати во 2015 година и првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.

- Иако преодната влада за спроведување на избори за пратеници во Собранието во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана. Формирањето на ваков тип влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето. Истовремено, заради доследно применување на законските одредби кои ја уредуваат оваа област, значителни буџетски средства се издвојуваат за плати, надоместоци, административна и логистичка поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал оваа финансиска оптовареност. Во услови кога политичките партии се насочени  кон унапредување на  изборната правна рамка, преку јакнење на надзорот на изборниот процес, независните институции и воспоставување јасни и ефикасни механизми за контрола и санкционирање на евентуални злоупотреби за време на изборниот процес, се создаваат услови за  елиминирање на  објективните причини поради кои беше воспоставен моделот на преодна влада - рече Јаќимоски.

Заменик-министерот потренцира дека предложеното законско решение со одложната примена, има за цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи.

- Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог закон се воспоставува јасна  и применлива  правна рамка која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото. Со предложеното законско решение се воспоставува стабилна и предвидлива правна рамка со која се уредува, се воспоставува стабилна и реална, односно техничка влада до денот на објавувањето на конечните резултати и распределба на мандатите по изборни единици од Државната изборна комисија за првите по ред избори за пратеници во Собранието на Р. Македонија спроведени по денот на влегување во сила на овој закон, по што се создаваат услови за негово укинување - нагласи Јаќимоски.

На овој начин, како што посочи, се обезбедува спроведување на фер, слободни транспарентни избори преку институциите основани во согласност со Уставот и законите, се зајакнува институционалната стабилност и се овозможува целосна реализација на демократскиот легитимитет на Владата како носител на извршната власт. Потенцира дека во јавен интерес на граѓаните и државата се предвидува рационално, одговорно и транспарентно користење на јавните финансии.

Со ова законско решењесе врши и усогласување со законот за изменување и дополнување на законот за организација и работа на органите на Државната управа од 2024 година, од терминолошки карактер во однос на усогласувањата на називите на министерствата во рамки на моделот на преодната влада. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски смета дека собраниската процедура која што е востановена во однос на носењето на законското решение, излегува од рамките на моделот и начинот на кој што е донесен Законот за Влада.

- Зошто? Прво, ова законско решение што се однесува на изборните циклуси за парламентарните избори ја донесено врз основа на преговори помеѓу партиите, односно четирите најголеми партии во Собранието, со гаранција со Европската Унија и со САД. Второ, ова законско решение кога беше донесено и применливо за изборите во 2016 година, одредбите за таква преодна влада престанаа да важат веднага после изборите во 2016 година. На барање на ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот претседател Мицкоски во 2018 година се донесе повторно истото законско решение без ограничување за тоа кога ќе важи, односно со одредба во која што на ваше барање беше ставено дека до влезот на Македонија во Европска Унија. Значи денеска овие ставови кои што вие ги изнесувате како причини за носење на законското решение се сосема нерелевантни или се ставови кои што директно ги побивате вашите барања и предлози кои што сте ги направиле во 2018 година. Трета работа е тоа што законот за влада е дел од рамката, односно од листата на закони за реформската агенда. Со тоа што денеска на брзина, по скратена постапка, наместо во редовна постапка, сака да донесете закон за влада, нема да можеме да ги исполниме тие критериуми за реформската агенда, бидејќи реформската агенда предвидува, како и за другите законски решенија, Изборниот законик, нов Кривичен законик, и исто така и за нов закон за влада. Мислам нема потреба од никакво брзање во однос на носењето законско решение да се вратиме на форматот на кој што разговараме за оваа прашање за која што практично на барање на вашиот претседател тогаш е донесено законско решение кој што го имаме и со консензус со политичките партии и преку дијалог внатре во Собранието да го вратиме – рече Спасовски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека сите аргументи кои ги искажал Спасовски затоа што, како што рече, ова брзо носење на закон започна од 20 јануари кога министерот за јавна администрација Минчев ги собрал сите политички субјекти да размислат и разговараат за евентуалните измени кои би можеле да се случат затоа што и формално и неформално дека таа техничка влада е надминато решение и оти треба да се смени.

- Во 2018 година, ВМРО-ДПМЕ бараше одредени измени, меѓутоа мора да признаете, и јавноста знае и медиумите знааат, дека ние и во опозиција баравме укинување на оваа техничка влада. И тоа е факт. После неколку месеци разговори, поединечни, заеднички, од страна на министерот Минчев, од страна на владата, барања, замолници, за да седнеме да разговараме за ова решение, од кое што вие панично бегате, не знам зашто, и морам да појаснам за македонска јавност, дека се работи за законско решение кое што ќе важи не од следните избори, негови од изборите после тоа, со што ви се дава, сигурно се, доколку мислите дека нешто не е заштитено по однос на изборниот процес, вие не дозволувате да почнеме со целата таа постапка. Да, во скратена постапка е, меѓутоа ќе има доволно време да се поднесат амандмани, да се разговара за сите тие амандмани поединечно и на крајот на денот да се стави на гласање ова законско решение. Ако сакате да наметнете состојба или размислување дека сме 2016 година и дека ова законско решение ќе треба повторно да седнуваме некаде да го разгледуваме, пробавме да направиме на лидерска по однос на ова, чудно нека кога ги сменивте ставовите од укинување на оваа техничка влада во повторно или плашење зошто да се укине. И од таа причина владата, односно Министерството го одземе фактот дека следните избори треба да се случат, па потоа да се случи таа промена. И не ја гледам причината за вакви панични реакции од ваша страна. Ќе поразговараме, ќе дозволиме простор да се разгледаат сите амандмани, ќе се издискутира целото и на крај на ден од сите пратеници имаат право да одлучат дали има потреба или нема потреба - рече Мицевски.

Тој потенцира дека со самото тоа што земјава е тргната од пост-мониторинг од Европската Унија, укажува дека во државата имаме стабилни услови за функционирање на државата и посебно на избори. 

Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.

Преодна Влада подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер си поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација. Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресори каде министерот е од опозицијата.

 

МИА