Уплатниците за казните од Сејф сити нема да се носат во станица
Потврдите за платени казни од системот „Безбеден град“ повеќе не треба да се носат во полициска станица, информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи. Тие се поврзале со системот на Министерството за финансии и отсега уплатите за казните автоматски ќе се евидентираат.
Граѓаните изминатиот период реагираа дека обврската кон МВР не завршува со тоа што веднаш ќе ја уплатат казната добиена преку „Сејф сити“. Иако казните се издаваа дигитално, полицијата бараше уплатницата да се достави лично, во печатена форма, до станица, бидејќи сметководството не можело да ја поврзе уплатата со конкретната казна. Поради тоа, граѓаните губеа време, а се создадоа редици пред сообраќајните оддели на полициските станици.
Но, има услов. При плаќањето, граѓаните мора точно да ги внесат податоците – особено единствениот број од записникот, во делот „повикување на број“ и „цел на дознака“. Во спротивно, уплатата може да не биде препознаена од системот.
Во меѓувреме, статистиката покажува дека системот „Безбеден град“ сè повеќе алармира. Само во март се регистрирани над 26 илјади сообраќајни прекршоци – значително повеќе од февруари. Најголемиот дел од нив, над 25 илјади, се однесуваат на пречекорување на брзината. Регистрирани се и 941 прекршок за возење со истечена сообраќајна дозвола, додека прекршоците за минување на црвено светло се значително намалени.
Паралелно, опаѓа и бројот на граѓани кои ги оспоруваат казните. Според податоците од Основен кривичен суд Скопје, во март биле поднесени само 65 приговори – за разлика од февруари кога имало дури 476. Од судот информираат дека дел од предметите веќе се решени, а постапките се водат во законски рокови.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
