Македонија
22. April 2026 - 16:34

Новиот граничен систем да не важи за Македонците кои летово ќе одат во Грција, бара туристичката комора

Македонците кои летово ќе одат на одмор во Грција да не оставаат отпечатоци и да не се фотографираат на граница. Туристичко-угостителската комора бара нашите државјани да бидат изземени од новиот електронски систем за влез во ЕУ во периодот од 1 јуни до 1 септември.

Претседателот на комората, Керим, појасни дека веќе се во контакт со грчкото министерство за туризам и се надеваат на позитивен одговор.

„Предвидуваме некои сценарија во коишто ќе има долготрајни часови на чекање. Еден пример, четиричлено семејство, еден автомобил, за да се сликаат им требаат отприлика десетина минути. Еден апарат ќе биде за 6 коли за еден час. Ако се соберат 4-5 илјади коли, направете пресметка колку е тоа во време. Тек автобус ако дојде..треба да излезат од автобусот, да се сликаат, па ќе падне системот, нема да се погоди убаво сликата. Специфичен е системот. Добар е, не викам дека е лош. ЕУ си има одлична заштита со ова, меѓутоа ако може да се одложи, барем во шпицот на летната сезона“, вели тој.

Дека е можно привремено укинување на овие правила покажува и примерот со Велика Британија. Грчката влада веќе одлучи за нивните туристи да не важат биометриските проверки за да се избегне хаос на аеродромите. Грција е свесна дека со речиси 5 милиони британски гости годишно, секое доцнење на граница значи удар врз туризмот.

Слично сценарио очекуваат и во Србија. Од тамошните туристички здруженија велат дека иако можеби нема да има официјална одлука, Грција веројатно ќе ја искористи можноста самата да ги суспендира контролите кога метежот ќе стане преголем, како што дозволуваат европските препораки.

Новиот систем, кој е во сила веќе две недели, ги испрати старите печати во пасошите во историјата. Наместо тоа, сега се применува дигитална регистрација која вклучува: скенирање на пасошот, земање отпечатоци од прсти и фотографирање, како и автоматско следење на тоа колку дена патникот престојува во земјата.

Иако најавуван како модерно решение, системот во пракса се покажа како многу бавен. Светските медиуми известуваат за хаос на аеродромите и патиштата низ повеќе европски земји, каде патниците со часови чекаат во редици.