Македонија
22. July 2026 - 16:32

Просечната плата се доближува до 50 илјади денари: Кои работници се најплатени?

Просечната нето-плата во земјава продолжува да расте и се доближува до 50 илјади денари. Според податоците на Државна статистика, во мај годинава просечната исплатена нето-плата по вработен изнесувала нешто над 49.500 денари.

Во споредба со истиот месец лани, просечната плата е повисока за 8,2 отсто.

Најголем раст на платите има во секторите поврзани со одржувањето на јавните системи и услугите. Во снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на животната средина платите пораснале за речиси 12 отсто. Зголемување има и кај вработените во уметноста, забавата и рекреацијата, како и во транспортот.

Позитивно движење има и на месечно ниво. Во споредба со април, најголем скок на просечните примања е забележан во трговијата и поправката на возила, каде платите се повисоки за 6,3 отсто. Раст има и во рударството и транспортот.

Вработените во ИТ-секторот со просечна нето-плата од над 90 илјади денари заработуваат речиси двојно повеќе од македонскиот просек. Најниско платени, пак, според Статистика, се вработените во сервисните дејности со храна.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата ќе продолжи да ги подобрува условите за работа.

Покрај унапредувањето на системот за социјална заштита, Владата продолжува со спроведување мерки насочени кон подобрување на условите за работа на вработените, поддршка на младите и креирање на долгорочни политики за демографски развој. Потпишан е нов Колективен договор, со кој платите на вработените во центрите за социјална работа во земјава се зголемени за 20%. Со ова се вреднува трудот на стручните лица, кои секојдневно обезбедуваат поддршка за граѓаните и создаваат подобри услови за нивна професионална работа“, кажа Драгана Арсова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, и денеска велат дека граѓаните живеат полошо.

Потрошувачката кошничка продолжува да расте и изнесува речиси 70 илјади денари, а минималната плата остана без реално зголемување кое би го следело растот на цените. Новото поскапување на горивата ќе има директен ефект врз сите други цени во економијата - транспортот, производството и дистрибуцијата на стоки ќе поскапат, што ќе предизвика нов притисок врз инфлацијата. Економската политика на ВМРО-ОКГ се покажува како неуспешна на сите нивоа“, велат од опозицијата.

Инаку во мај кога е измерен растот на просечната плата од над 8%, Статистика пресмета дека трошоците за живот пораснале за 4.8%.