Македонија
22. July 2026 - 16:34

Скопје ден по невремето со ветер со јачина на ураган

Скршеници, расекотини на главата и силни набиеници. Околу 30-тина граѓани завршија во скопските клиники по вчерашното невреме, какво што скопјани не паметат. Министерот за здравство потврди дека сите повредени се соодветно згрижени и пружена им е неопходната помош. 

Невремето ги начека граѓаните неподготвени. Многумина возеле низ булеварите,  други пеш се враќале од работа. Некои успеале да се засолнат, а некои пак се повредени бидејќи врз нив паднало гранка, дрво или предмет.

Меѓу оние кои за влакно избегнаа потешки последици е и пазарџија од Буњаковец. Тој за Сител раскажува дека се засолнил во последните секунди, токму кога ветерот го откорнал покривот над неговата тезга.

Ветерот со јачина на ураган направи вистинска катаклизма во речиси сите скопски населби.  Дрвја кршеа прозорци од автомобили, паѓаа зад возила во движење и целосно блокираа влезови од згради.

Екипите на терен ја започнаа расчистувачката акција уште во текот на ноќта.

Екипата на Сител денеска направивме обилколка низ градот за да провериме како изгледа Скопје ден по невремето. Сите патишта се проодни, но трагите од невремето се присутни. Големи дрвја се на улиците, а работниците ги чистеа булеварите. 

- „Голема штета е направена и тука, кај Соборниот храм. Ветерот собори огромно дрво, уништи парковски клупи и целосно ја искрши заштитната ограда.“

Бројот на повици до Центарот за управување со кризи го сруши сите досегашни рекорди, а голем дел од градот со часови остана и без електрична енергија.

Синоќа сите општински кризни штабови беа веднаш активирани бидејќи клучните сообраќајници беа непроодни. А социјалните мрежи беа преплавени со апокалиптични снимки од сите агли на главниот град.

Видеа залепени од социјални мрежи

Меѓу најдраматичните моменти снимени на камера беше и падот на 60-метарскиот јарбол со македонското знаме, кој едноставно попушти под налетот на орканот.

Граѓаните ги вознемери и видео на кое се гледа како покрив од зграда лета како пердув во воздух.

Многумина граѓани невремето ги затекна во нивните автомобили, изолирани среде бурата.

Освен на јавните површини и граѓанскиот имот, огромни штети претрпеа и угостителските објекти низ градот.

За помош на граѓаните и екипите на терен излегоа и припадници на АРМ и полицијата.

- „Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22:00 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.

Дополнително, оштетени се повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, информираат од МВР.

Според податоците од УХМР, вчера јавностите беа сведоци на исклучително редок и разорен метеоролошки феномен.

Во Скопска Котлина (16:10 ч.): Регистриран оркански ветар од 130 km/h (правец NNW).

Според метеоролошката класификација, секој ветар над 118 km/h се дефинира како оркан/ураган – феномен кој ретко се случува на овие простори, но остава катастрофални последици.

По вчерашниот хаос, метеоролозите за утре најавуваат привремено стабилизирање на времето, но веќе од петок нѐ очекува нов бран на врнежи од дожд.