Брисел ни ги достави задачите што треба да ги исполниме до декември
Македонската влада доби нов список на реформски чекори од Брисел што државата треба да ги исполни до декември за да остане во добро темпо за Планот за раст. Премиерот Мицкоски деталите ги разговараше на онлајн состанок со директорот за соседство и проширување на ЕУ – Герт Јан Копман. Досегашните обврски се исполнети, освен Изборниот законик, кој останува отворен поради блокадата на опозицијата. Но, Мицкоски вели дека сѐ уште важи понудата таа да се договори меѓусебно за изборните правила поврзани со гласањето на дијаспората од далечина и изборните единици.
Додека премиерот ги пренесуваше пораките од Брисел, во Собранието опозицискиот лидер Филипче, преку Националниот совет за евроинтеграции, упатуваше критики до власта. Обвини дека намерно се кочат евроинтеграциите, коментирајќи дека Владата влијае врз правосудството, дека е слабо спроведувањето на мерките против корупцијата, но ги спомена и познатите обвинувања за „српски свет“ и руско влијание.
Евроамбасадорот Рокас, пак, порача дека има три клучни точки за македонските евроинтеграции: прво – обврската за уставни измени од 2022 година, потоа усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика, за што ја пофали Македонија, а третото е владеењето на правото како клучен фактор. Сепак, тој побара политички консензус за Изборниот законик и покрај разликите.
На консензус смета и вицепремиерот за евроинтеграции Беким Сали, кој ги повика сите пратеници на конструктивен пристап кон законите поврзани со европската агенда.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
