Македонија
7. July 2026 - 16:31

Поротниците од скопски Кривичен суд од денеска на мирен протест

Судиите поротници од Основниот кривичен суд Скопје од денеска стапија во мирен протест. Ќе бојкотираат повеќе судски рочишта за да го искажат својот револт поради долгогодишното игнорирање на проблемот со ниските дневници. Надоместокот кој го добиваат се движи од 570 до 670 денари и со години не е изменет и покрај бројот на судења, сложеноста и времетрањето на нивниот ангажман.

Во соопштение од основниот кривичен суд Скопје јасно застанаа зад нив, нагласувајќи дека улогата на поротниците е клучна за законитоста на процесите.

„Без нивното учество, значителен број судења не можат непречено да се одвиваат. Судиите поротници заслужуваат достоинствен и соодветен надоместок кој ќе ја одразува важноста на функцијата што ја извршуваат. Очекуваме Министерството за правда во најкус можен рок да почне со измена на Правилникот.“

И покрај мирниот протест, сепак за да не настане целосен колапс во судството од Кривичен  известија дека има строга селекција кои предмети ќе се одлагаат.

„Сите притворски предмети каде што учествуваат поротници нема да се одлагаат и ќе се одржуваат непречено. Од друга страна, за непритворските предмети, кои се во помал број, судењата се одложуваат и за нив ќе се одреди нов термин.

Претседателот на судски совет вели дека за ова прашање повеќе пати се обратил до министерството за правда за да го променат правилникот со кој се одредуваат дневниците на поротниците. Доколку не се најде решение алармира дека ќе се доведеме во ситуација да остане судот без поротници.

-Од 2008-2009 го не е сменет правилникот за надоместок. Тој надоместок од 570 до 670 денари не е од одржано судење туку за цел ден а некогаш може во денот да има повеќе судења. Многу е низок и не соодветствува со реалните услови. Се обративме повеќе пати до Министерството за правда и до Владата. Очекувам дека ќе се најде решение со новиот министер за правда и дека ќе добијат соодветна награда  достоен надоместок. Тие беа два главни проблеми дневниците и старосната граница и ние максимално ги поддржавме. Очекувам дека има можност да се најде решение веќе следниот месец. Ако за ова не најдеме решение, ќе се доведеме во ситуација да немаме судии поротници, а без нив не може да се одржат рочишта. И сега државата треба да одлучи  или ќе ја направи таа професија привлечна, или дали воопшто ни требаат судии поротници. Доколку некој смета дека не ни се потребни, тогаш нека се направат законски измени.

Од Министерството за правда нема одговор дали ќе има конкретно решение за овој проблем. Ресорниот министер беше опфатен со реконструкцијата на Владата па во моментов се чека новиот официјално да стапи на функција.

Барањето на судските поротници се провлекува со години и досега ниту еден министер не успеа да го затвори ова прашање. Како можна излезна варијанта се гледа во најавениот ребаланс на буџетот каде што со политичка волја би можеле конечно да се издвојат и пренаменат средства за достоинствени дневници, со што би се спречила комплетна блокада на кривичните постапки во земјава.

Ова е повеќе од неопходно ако се земе предвид дека оваа професија со години е општествено маргинализирана, а товарот паѓа претежно врз жените поротници кои сочинуваат 88% од вкупниот во државата. Тие со години се заглавани меѓу небезбедни работни услови и целосна негрижа од институциите покажува анализита од центарот за правни истражувања.