Македонија
22. November 2022 - 16:32

Полицијата трага по лицата кои го кршеле бугарскиот клуб во Охрид

Бугарските медиуми објавија снимка од нападот врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. На снимките од безбедносните камери се гледаат три маскирани лица како фрлаат со предмети најверојатно камења кон клубот при што се кршат прозорците на влезот на објектот. Од охридската полиција уште вчера потврдија дека прозорците од просториите и дел од светлечката реклама каде стои натписот на клубот во трговскот центар Амам се оштетени а инцидентот се случил во 2 часот и 5 минути после полноќ, портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски во телефонски разговор за Сител вели дека се уште работат на пронаоѓање на сторителите и расветлување на случајот.

Бугарското Mинистерство за надворешни работи пак го осуди оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид. Во соопштението посочија дека таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу двете држави.

Ова е втор напад врз просториите на здружението „Цар Борис Трети“ од неговото отворање на 7 октомври. Пред неколку дена здружението го одбележа едногодишното функционирање од регистрацијата. На интернет страницата на клубот беа објавени фотографии и порака дека меѓу присутните гости бил и бугарскиот генерален конзул, но и други дипломати од конзулатот во Битола.