ОЈО Скопје отвори истрага за насилството врз гинекологот во поликлиниката „Букурешт“
Скопското јавно обвинителство отвори истрага за физичкиот напад врз гинекологот Дејан Огненовиќ кој беше нападнат на своето работно место во поликлиниката Букурешт. ОЈО го сомничи за извршено кривично дело насилство и побара мерки на претпазливост.
„Според доказите обезбедени до овој момент, на 16 септември, во приватна ординација во склоп на поликлиниката “Букурешт”, осомничениот извршил грубо насилство врз, лекар-гинеколог кој бил на неговото работно место. Му се заканували физички го нападнал со повеќе удари, а предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други присутни во ординацијата.“
Судија на претходна постапка ги прифати предложените мерки и одлучи да се обезбеди присуство на осомничениот и му определи строга забрана за доближување до лекарот и неговата ординација.
Д-р Огненовиќ е задоволен од постапувањето на органите на прогонот но смета дека мерките кои се определени за напаѓачот се преблаги за таков случај. Очекува брза и праведна постапка во која сторителот ќе ја добие соодветната казна но и дека нема да биде изложен на понатамошен ризик додека ја извршува својата лекарска работа.
За случајот јавноста дозна откако самиот доктор посведочи за инцидентот во кој тој се здоби со скршеница на вратен пршлен. Гинекологот Огненовиќ изјави дека овој напад бил последен во низата закани што ги добивал изминатиот период. Тој тврди дека целта на напаѓачот е тој и неговата ординација да се исселат од оваа поликлиника и зад целиот случај вели дека стои неговата конкуренција.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
