Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
Јавното обвинителство ги изведе материјалните докази со кои ги гони поранешниот вицепремиер Груби, екс директорот на Лотарија, Бајрами, тогашниот генерален секретар на владата и петтемина членови на надзорниот одбор на Државната лотарија.
Над 200 документи содржи доказниот материјал - одлуки и записници од владини седници, статутот на државната лотарија, реакциите на Казинос Австрија за формирањето друштво за самостојно организирање игри на среќа се дел од материјалните докази презентирани на денешното судење.
Според јавното обвинителство, материјалите презентирани пред судот, се во поткркепа на обвинението за злоупотреба на службената положба и штетата врз Државната лотарија од близу 10 милиони евра.
Доказите, според одбраната биле нејасни, слаби и конфузни. Адвокатите, тврдат дека членовите на надзорниот одбор на Лотарија не ги пречекориле своите овластувања – тие само ги спроведувале одлуките.
За случајот со незаконската набавка на апаратите за коцкање, обвинителството ќе повика и седуммина сведоци. Нивниот распит ќе почне на втори октомври, а прв ќе сведочи вработен во Државната лотарија. Свој исказ ќе има и актуелниот директор на Лотарија.
Судењето продолжува идната среда со евиденција на забелешките кои ги има одбраната за писмените докази на обвинителството..
На стартот од судскиот процес, обвинетите кажаа дека не се чувствуваат виновни. Груби и Бајрами на судењето доаѓаат во придружба на полицијата – поранешниот вицепремиер од домашен притвор, а екс директорот на Лотарија од истражниот затвор во Шутка.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
