Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
До една година во Хрватска – но не и слободно возење низ целиот Шенген. Од денеска професионалните возачи од Македонија можат да аплицираат за хрватска виза Д.
Може да важи за еден или повеќе влезови, а престојот во Хрватска може да трае до 365 дена. Апликацијата чини 93 евра, а доколку се користи визен центар, се плаќа и дополнителен надоместок.
За камионџиите потребни се пасош, фотографија, барање за виза и соодветна возачка дозвола. Мора да се докаже и дека македонската компанија соработува со фирма во Хрватска, како и дека возачoт е ангажиран за превоз на стока до или од Хрватска.
Задолжително е и здравствено осигурување кое важи за целиот Шенген и покрива најмалку 30 илјади евра.
Барањето се поднесува најрано два месеца, а постапката може да трае до 45 дена.
За македонските возачи, аплицирањето започнува преку електронскиот систем „Crovisa“, а потоа документите се доставуваат во хрватската амбасада во Скопје. Терминот се закажува преку конзуларниот портал.
Сепак, визата не го укинува правилото 90 дена во 180 дена за останатиот Шенген.
Ако возачот од Хрватска продолжува во друга шенгенска земја, деновите почнуваат да се бројат.
Oд Европската Комисија и денеска повторија дека ова прашање е поврзано со националните правила на земјите од Шенген, како и со постојните билатерални договори.
„Според актуелните шенгенски правила, постојат прагматични решенија за ова, особено можноста земјите членки да ги применуваат правилата за долгорочни визи и дозволи за престој, а во одредени, ограничени случаи, возачите да се сметаат и за прекугранични работници. Ова е прашање на кое му посветуваме целосно внимание и сме во контакт со земјите членки, но и со партнерите во регионот. Тоа е она што можам да го кажам во оваа фаза“, изјави портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламер.
Македонија веќе има постигнато договори со Швајцарија и Романија, а се разговара и со Австрија, Германија и Словенија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
