ОЈО ГОКК ја затвори истрагата за снабдувањето со мазут за ТЕЦ Неготино, нема основано сомнение за кривични дела во предметот

Над 50 илјади евра се потрошени досега за истражната постапка за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, информираше денеска обвинителката Катерина Коларевиќ на брифинг со новинари, по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре истрагата.
Од обвинителството образложија дека по спроведена едногодишна истрага не се потврдиле наводите од кривичната пријава, поради што не било утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност.
- Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност - се наведува во официјалното соопштение на ОЈО ГОКК.
Во соопштението се појаснува дека предмет на истрагата било сомневање за злоупотреби при јавните повици, незаконско склучување договори и анекси, како и перење пари, во период кога набавките се реализирале во услови на енергетска криза. Во текот на постапката биле анализирани обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од сведоци од АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори со лиценца за трговија со мазут. Обвинителството оценува дека постапките биле спроведени согласно законските исклучоци.
- Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари - наведуваат од ОЈО ГОКК.
Во официјалното образложение се посочува и дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван и дека во критичниот период не било доведено во прашање производството на електрична енергија, ниту пак биле предизвикани рестрикции. Истрагата, според обвинителството, не утврдила ниту штета врз АД ЕСМ или врз Буџетот на државата.
- Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија. Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар - дополнуваат оттаму.
Воедно, посочуваат дека во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата.
- Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино - посочуваат од ОЈО ГОКК.
Во однос на сомнежите за перење пари, обвинителството заклучува дека исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист и дека финансиските трансакции не можат да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.
Со запирањето на истрагата, без обвинение останаа бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, и Ратко Капушевски, сопственик на „РКМ“, кои беа меѓу главните осомничени во предметот вреден 167 милиони евра. Јахоски во текот на постапката беше во притвор, а подоцна се бранеше од слобода со гаранција над два милиони евра, додека Капушевски се бранеше од слобода.
Истрагата опфати вкупно 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор.
По донесената наредба за запирање на истражната постапка, сите осомничени остануваат на слобода, а оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.
МИА
Ново на Сител
-

Силно невреме го зафати регионот: Град во Србија, хаос во Загреб и прекин на сообраќајот во БиХ
-

Стефан Мелник освои сребрен медал на Светското првенство за слабовиди и слепи шахисти
-

ОЈО ГОКК ја затвори истрагата за снабдувањето со мазут за ТЕЦ Неготино, нема основано сомнение за кривични дела во предметот
-

Почнува јубилејниот 70. Евросонг
-

Татко го пронашол починато своето бебе во семејниот дом
-

Пад од 47 проценти на закупот кај становите, 12 проценти раст кај деловните простори
-

Леброн за неговата иднина: Немам што да докажам, сè сум направил, сè сум видел
-

Мицкоски: Има кус пат до ЕУ, но со понижувачки предизвици, ние го избираме потешкиот, со кој местото ќе го заслужиме со квалитет и резултати
