Македонија
12. May 2026 - 14:38

Мицкоски: Има кус пат до ЕУ, но со понижувачки предизвици, ние го избираме потешкиот, со кој местото ќе го заслужиме со квалитет и резултати

Како Влада цениме дека покус пат до Европската Унија нема, односно има, но тој е полн со предизвици, кои најчесто се понижувачки и поради тоа го избираме потешкиот пат, со кој местото во Унијата ќе го заслужиме со квалитет и испорака - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, кој годинава се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.

Тој одговараше на прашање поврзано со процесот на евроинтеграциите, во кој за нас како да преовладуваат политичките наместо Копенхашките критеруми, за заморот на граѓаните и за реформската агенда како придобивка во моментот за државата, општеството и целокупното население.

- Во зависност од тоа каква политичка идеологија имате, претпоставувам секоја влада има своја матрица на приближување и остварување на таа цел, на таа стратешка цел. Владата што јас ја предводам има поинаков пристап во споредба со претходната влада. Ние цениме дека пократок пат нема. Односно има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија. Бидејќи тие, на крајот, за идните генерации создаваат проблеми - рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека кај граѓаните оваа недокажана приказна или недосонуван сон повеќе создава фрустрација, а не очајување или чувство да се откажеме. Додаде дека во јавните мерења се согледа дека поддршката за ЕУ-интеграција горе-долу е константна и рече дека таа треба да остане константна бидејќи тоа е стратешка цел.

- И затоа ние одлучивме да одиме по овој потежок пат. И тој потежок пат има своја цена. Затоа што најчесто бирократите ќе ви кажуваат што треба да направите. Бидејќи за нив тоа е business as usual, а за вас е сè. За вас е сè. Достоинството нема цена. И затоа велам нема пократок пат. Ќе трпите и навреди, и критики, и честопати невистини. Најчесто и измислици, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Бидејќи треба да верувате во она што го правите. Јас лично верувам дека овој потежок пат е поисправниот пат. Можеби е побавен, изобилува, како што реков, со предизвици, но нема друг пат. И затоа мора да докажеме дека сме најдобри - истакна Мицкоски.

Во однос на испораката за реформската агенда, премиерот нагласи дека од 21 индикатор, 16 се успешно завршени и за тој период на мерење сме најдобри во групата на шесте земји од Западен Балкан. Додаде дека во јуни има ново мерење, на кое, како што рече, работат интензивно за да го испорачаат. За утре најави подолг состанок преку видеоврска со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, кој, како што рече, во принцип ги движи овие активности и истакна дека очекува оти ќе се приближиме до таканаречениот front-runner.

- Има една изрека, една реченица што некои од бирократите дипломатски ја употребуваат, Црна Гора ја нарекуваат front-runner. Јас се сеќавам, ние бевме front-runner пред седум-осум години и беше прашање само да смениме име, презиме и сè друго, па само што не сме влегле внатре. Но, еве, и по 25 години, пак сме на истото место, на маката на која бевме пред 25 години. Затоа треба да веруваме во себе. Тешко е тоа. Малобројни сме. Тешко е дека некој ќе ве забележи ако немате исклучително вреден квалитет и успеси. Тешко е, не е лесно, но мора да издржите во името на генерациите од минатото и во името на генерациите што следуваат. И јас немам друг избор во моментот, освен да издржам, но не да бидеме тврдоглави. Тоа не е добро. Да не бидеме тврдоглави. Да работиме, да испорачуваме. Акциски план за малцинства - испорачан, реформска агенда - први во испораката. Мора квалитет да покажете. Тогаш и најголемите ќе признаат, ќе симнат капа и ќе речат: „Овие го заслужуваат местото, дај да не се глупираме со имиња, презимиња, устави и слични работи - нагласи премиерот. 

За работата и улогата на „Македонија 2025“, Мицкоски рече дека како организација, идеја и визија е исклучително голема додадена вредност за својата татковина.

- Ценам дека бројките даваат одговор на сите дилеми, дека навистина контрибуцијата е одлична. Мислам дека можеби сега тоа што ни треба е поголема гласност во светските центри, поголема гласност во клучните светски центри во Европа, во САД, на другите континенти. Ние мораме да се бориме за нашата вистина. Ако ние не се бориме за нашата вистина, повторно ќе кажам, тоа не значи дека треба да сме тврдоглави, но ако не се бориме за нашата вистина и ако тоа не го кажеме храбро и аргументирано, за да звучи логично, тогаш ќе ја изгубиме битката. Многу поголеми народи и нации денеска немаат своја држава. Ние имаме своја држава и доаѓа времето кога тоа обединување на сите слоеви, на сите структури, на сите нам ни е потребно, за да бидеме погласни и да ја кажеме нашата вистина и да се бориме за нашата вистина. И мислам дека тука „Македонија 2025“, со својата мрежа, со својата веќе институционална меморија од 18 години, може да биде исклучително голем амбасадор за својата татковина и за граѓаните во Македонија. А ние, како Влада, се разбира, јас како претседател на Владата, стојам на располагање, нормално, доколку е потребно тоа, да помогнам во целиот тој процес - порача премиерот Христијан Мицкоски.