Македонија
12. May 2026 - 16:35

Сопрена истрага за Капушевски и Јахоски за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино

Сопрена истрагата за набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино за Ратко Капушевски, сопственик на РКМ, и Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол, во време на енергетската криза од 2021 до 2023 година. Истрагата е сопрена и за Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ, кој го спровел јавниот повик за мазутот вреден 167 милиони евра, а кој е во бегство. Осомничени беа и 10 други физички лица вработени во ЕСМ, како и една фирма.

Истрагата, како што соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал, траела година и пол.

Била анализирана обемна документација, договори, вешти наоди и искази на повеќе сведоци – меѓу кои и претставници од актуелното раководство на ЕСМ, потоа од ТЕЦ Неготино, како и од други оператори со мазут, но ниту еден доказ не упатувал на тоа дека Капушевски и Јахоски биле фаворизирани од Ковачевски за да ја добијат една од најголемите набавки на државата во тоа време.

„Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и, во дел од јавните повици, со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници“, информираат од ОЈО ГОК.

Притоа, како што брифираше и обвинителката што го работела предметот, од сите фирми со лиценци за работа со мазут, само РКМ на Капушевски се нафатила да ја испорача потребната количина мазут. Во јавниот повик на ЕСМ, пак, немало фаворизирачки услови.

Окта, иако поголема фирма, според исказите што ги добила обвинителката, не се пријавувала на повиците бидејќи не сакала да даде банкарска гаранција за испораката и барала ЕСМ да ја „кредитира“ набавката на мазут.

Притоа, главна логистика на Капушевски, според ОЈО ГОК, му била обезбедена токму од Јахоски, кој со неговата Пуцко Петрол немал лиценца за мазут. Тој му дал позајмица на Капушевски за потребната банкарска гаранција, а Јахоски преговарал и со Хеленик Петролеум за обезбедување и превоз на потребната дневна количина од 1.200 тони мазут.

Добивал и директно пари од Капушевски, но врз основа на договори за посредување кои биле и оданочени, па за обвинителството ни тоа не било спорно.

Набавката се вршела како исклучок од Законот за јавни набавки бидејќи оправдано била прогласена енергетска кризна состојба, како и во други држави. Притоа, немало докази дека Капушевски не го испорачувал мазутот по договорената динамика со ЕСМ, ниту пак постоеле докази за препродавање на мазутот.

Било утврдено дека ТЕЦ Неготино со овој мазут произведувал струја по цена од 180 до 200 евра за мегават-час, во време кога струјата на слободниот пазар се движела од 250 до 600 евра за мегават-час.

„Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата, а истрагата утврдила дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван“, се вели во официјалното соопштение на обвинителството.

За тоа зошто првично била поведена истрага, а Капушевски и Јахоски дури поминаа време и во притвор, од обвинителството велат дека се воделе од првичните сомневања во кривичната пријава на МВР, но тие не се покажале како точни, ниту пак би значеле осудителна пресуда.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, се сомнева дека шефот на организиран криминал издејствувал сопирање на постапката во корист на Јахоски. Бараат оставка од Абази.

Абази, пак, не гледа зошто би поднел оставка.

„Ниту во првите 4 години како виш јавен обвинител, ниту овие 4 години како раководител на ОЈО ГОК, на ниту еден обвинител не сум сугерирал одлука ни за покренување, ни за запирање на истрага во ниту еден предмет. Не сум правел никакви притисоци, а политичарите нема да ги коментирам“, рече Абази на брифинг со новинарите.

Додека за овој предмет ОЈО ГОК ја сопре истрагата, сѐ уште во предистрага е еколошкиот случај за мазутот на Капушевски и Јахоски. Обвинителката побарала вештачење на 10 мостри од мазутот набавуван и од бугарската фирма и од Хеленик Петролеум, од различни периоди од 2021 до 2023 година, за присуство на загадувачи на воздухот.

Анализите ги направила српска лабораторија која изготвила и извештај. Во него, присуството на сулфур ниту еднаш не ја надминало дозволената граница. Но, сега обвинителството се мачи да најде домашен експерт кој ќе го прочита српскиот извештај за останатите потенцијални загадувачи.