Македонија
23. September 2026 - 16:33

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот

Новите амбасадори кои ќе ја претставуваат Македонија во Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија свои дипломатски платформи пред пратениците.

Во условите затегнати односи меѓу Скопје и Софија, во Бугарија на мисија треба да замине Крум Ефремов. Кариерниот дипломат со повеќегодишно искуство во економската и трговската дипломатија, во 2019 година беше амбасадор на Македонија во Украина, со акредитација и за Грузија.

Во Софија сега го очекува една од најчувствителните дипломатски мисии – во период кога политичкиот дијалог меѓу двете земји треба да продолжи, но отворените прашања поврзани со европската интеграција и натаму се предмет на несогласувања. Оцени дека во моментов односите не се на соодветно ниво и потребна  е деескалација во комуникацијата.

Ефремов ги претстави и позитивните примери кои Македонија и Бугарија ги имаат во економската соработка, образованието културата досега, но и идните проекти за инфраструктурно поврзување.

Покрај него во дипломатска мисија заминуваат Дритон Кучи во Норвешка, за кого ова е втор мандат. Со пауза од неколку години во амбасадата во Букурешт повторно треба да замине и Габриел Атанасов. За првпат на мисија во Шведска патува Мухарем Јусуфи, кој досега професионалниот ангажман го има во рамките на Министерството.

Долгите излагања на кандидатите и нетрпеливоста на пратениците  ја испразни салата, па кандидатите не добија ниту едно прашање од матична комисија.

По претставувањето на платформата пред собраниската Комисија, постапката продолжува со дипломатските процедури, а конечниот указ за именување го потпишува претседателката на државата.