Донирај текстови, документи и гласовни снимки за потребите на „Везилка“
Македонскиот јазик учествува со само 0,02% од сите јазици во светот во тренирањето на големите јазични модели на ЧетЏПТ, што влегува во рангот на статистичка грешка. Споредено со јазиците од регионот, нашиот е на дното, а јазици како бугарскиот и грчкиот се користат и по десетпати повеќе од македонскиот.
Причината за тоа е недоволната дигитализација на македонски текстови и документи, па големите технолошки компании немаат од каде да црпат извори на македонски јазик.
За потребите на Везилка – националната АИ фабрика отворен е веб портал – doniraj.vezilka.ai каде секој еден може да донира свои текстови, документи, гласовни снимки кои потоа ќе бидат користени од страна на професорите на ФИНКИ во тренирањето на јазичниот модел.
-Ако ние како нација немаме доволно информации, наши информации за нашата култура, за нашиот поглед кон светот таму ќе бидат прикажани информации од други држави, од други култури коишто можно е и да не се согласуваат со нашите погледи кон светот. Тоа е работа на сите нас. Го имаме проектот Везилка којшто е спремен да сето тоа го канализира и го среди во формат којшто ќе биде соодветен за големите јазични модели и да ние почнеме да ја подобруваме нашето постоење во дигиталниот свет, вели Трајанов.
Преку проектот Везилка од следната недела почнуваат првите курсеви за изучување Вештачка интелигенција, на кои ќе може да се пријави секој. Трајанов вели дека кај просечниот Македонец постои желба за учење, но проблем е т.н. македонски парадокс.
-По глава на жител ние продуцираме повеќе ИКТ, софтвер, сервиси од просекот во ЕУ. Меѓутоа, за жал ако се земе дигиталната писменост на обичните граѓани сме далеку од просекот на ЕУ. Тоа значи дека имаме потенцијал, имаме луѓе коишто се поприлично добри и можат да повлечат напред, вели Трајанов.
Вештачката интелигенција би можела да и помогне на Македонија како мала држава да го забрза својот развој. Везилка е историски проект, финансиран од Европската Унија од кој се очекува да направи значаен исчекор во подобрување на продуктивноста, особено во делот на јавната администрација, здравството, енергетиката и земјоделието.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
