Филипче бара извинување од Мицкоски, премиерот ја нарече одлуката на обвинителството скандалозна
Наместо јас да добијам извинување за тоа што пет години ме нарекуваа убиец и ме споредуваа со д-р Менгеле, премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веднаш да им се извинат на семејствата на загинатите во тетовската модуларна болница-ваква порака денеска упати лидерот на СДСМ, Венко Филипче. По вчерашната одлука на Обвинителството за затворање на предметот за набавката на модуларните болници, со која се утврди дека немало злоупотреба ниту штета на буџетот, Филипче порача дека паднале петгодишните политички лаги, обвинувајќи ја власта за поигрување со туѓата болка.
Пет години зборуваат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, замислете, јас што спасувам животи, за кој што здравјето на граѓаните ми е на прво место, не престанаа. Не престанаа ни вчера, после одлуката на Обвинителството, излегоа некои млади членови на криминалната група, го продолжија тоа, денес премиерот исто така на прес-конференција. Јас после пожарот во Тетово поднесов оставка, како морален човечки чин.
Премиерот Мицкоски, пак ја нарече скандалозна одлуката на Обвинителството да го затвори предметот за набавката на 19 модуларни болници за време на корона кризата. Според Мицкоски, шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција одработува за претходната Влада, но како што што вели секогш може да излезат нови докази и случајот повторно да стане актуелен.
Според Левица пак, одлуката на Обвинителството дека нема кривична одговорност за модуларните болници е само игра помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои пред камери војуваат, а се сојузници за неказнивост.
Едните заминуваат од власт натоварени со афери, другите пристигнуваат со заклетви за правда до крај, а меѓу две изборни смени останува недопрена најважната инфраструктура на поредокот, т.е. механизмот на заемна неказнивост. Криминалот станува предмет, предметот предистрага, предистрагата фиока, фиоката застарување или архивирање, а потоа целиот скандал воскреснува како материјал за следната изборна кампања. Во тој затворен круг ДПМНЕ и СДСМ не се антиподи, туку “конкуренти” со заеднички интерес за системот никогаш да не стигне предалеку, велат од Левица.
Затворањето на предметот за набавката на модуларните болници, според ВРЕДИ е скандалозен правосуден епилог кој оди на товар на нереформираното раководство на ДУИ.
Али Ахмети и обвинителството раководено од Ислам Абази должат одговор пред јавноста: како е можно по 14 изгубени животи на крајот да излезе дека „виновен“ е кабелот? Овој случај ризикува да остане запаметен како еден од најсрамните примери за институционална неодговорност и заробено правосудство. Правдата не смее да зависи од ничие политичко влијание, партиска припадност или функција. Кога за трагедија со 14 човечки жртви нема целосна и неселективна одговорност, тогаш не станува збор само за неуспех на едно обвинение, туку за тежок пораз на целиот правосуден систем.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера одлучи да го затвори предметот за набавката на 19 модуларни болници, после пет години. Тројца обвинители кои постапуваа не најдоа докази дека е злоупотребена службената положба и оштетен државиот буџет. Предметот се отвори по допрен глас, два дена откако изгоре тетовската модуларна болница и загинаа 14 лица.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
