Македонија
7. July 2026 - 16:31

Пропадна и денешниот обид за Изборниот законик

Колку повеќе разговори, толку повеќе разлики меѓу политичките партии околу новите изборни правила, и во делот на изборните единици и во делот на гласањето на дијаспората. Пропадна и последниот обид измените на Изборниот законик да бидат донесени во грејс-периодот што го даде Брисел за усвојување на Реформската агенда поврзана со Планот за раст.

Од мнозинството со нов предлог – опозициските партии да договорат заедничко решение, кое власта ќе го прифати во името на политичкиот консензус.

Левица е задоволна од тоа што власта ја прифаќа едната изборна единица, како што тие бараат. Сепак, сметаат дека договор со останатиот дел од опозицијата е речиси невозможен.

Албанската опозиција со дијаметрално спротивставени ставови. ДУИ веќе прогласи дека измените на Изборниот законик се невозможни, додека за Села дијаспората треба да гласа електронски на сите видови избори.

Измените на изборните правила заглавија со речиси 14 илјади опозициски амандмани. И покрај тоа што неколкупати партиите седнаа на иста маса, договор сè уште нема.

Уставниот суд пак, утре ќе расправа по иницијативата на Апасеив за нерамномернотот политичко рекламирање. Сличен предмет пред судот имаше и во 2023 на иницијатива на Павле Трајанов. Тогаш судиите го одбија предметот, но актулниот претседател Дарко Костадиновски имаше издвоено мислење дека Изборниот законик во делот на политичкото рекламирање е спротивен на политичкиот плурализам, еднаквоста и владеењето на правото.