Македонија
19. May 2026 - 20:10

Депонијата во Радовиш гори петти ден, општината со препораки до граѓаните

Општина Радовиш излезе со итни препораки до граѓаните, откако и по пет дена од избувнувањето на пожарот, градската депонија се уште гори. Локалните власти апелираат на внимателност и почитување на мерките за заштита поради загадениот воздух и густиот чад кој се шири низ градот.

Да се избегнува непотребен престој на отворено, прозорците и вратите да се држат затворени, да не се користат клима уреди кои внесуваат надворешен воздух, а граѓаните да престојуваат во затворени простории. Се препорачува и користење заштитни маски, како и да не се дозволува престој на деца на отворено. Ова се дел од препораките што ги издаде Кризниот штаб поради чадот од  депонија.

Во меѓувреме, екипите на противпожарната единица интензивно работат на терен. Покрај пожарникарите, во гаснењето на депонијата е вклучена и тешка механизација, меѓу која 13 камиони кипери, неколку багери и булдожери.

Пожарот на градската депонија во Радовиш избувна во петокот попладне. Засега се уште не е познато дали станува збор за намерно потпалување или пак пожарот настанал како резултат на самозапалување. Причините за избувнувањето на огнот треба да ги утврдат надлежните служби, кои интензивно работат на расчистување на случајот.