ЗНАМ очекува уште еден заменик-министер со владината реконструкција
Владиниот партнер ЗНАМ се надева на едно заменичко министерско место во разговорите за заокружување на владината реконструкција. Максим Димитриевски не открива во кој ресор би добиле позиција, но вели дека постапката ќе биде завршена во текот на следниот месец.
Во игра се местата во социјала и култура, откако со владината реконструкција замениците од овие ресори станаа министри. Според владини извори на Сител, разговорите треба да се интензивираат по враќањето на владината делегација од САД. Освен пополнување на празните места во игра се и ротации во неколку сектори на зaменичките позиции.
Задоволен од сработеното на кадрите кои се дел од владиниот кабинет, но и оние кои заминаа со реконструкцијата, Димитриевски преку отчет за изминтиве две години му даде рапорт на членството.
СДСМ пак излезе со остри критики до ЗНАМ. Од опозициската партија обвинуваат дека ЗНАМ ги предало своите политички принципи и гласачите, откако стана дел од владејачкото мнозинство.
- Станаа дел од бандата. Сателити. Глас во Собрание. Столче во институција. Тендер во општина. Тендер во Пошта. Резултатите ги знае народот. Граѓаните не одат во кино да им честитаат што ги продале. Одат на следните избори да ја вратат државата во свои раце. А бандата да одговара, стои во партиското соопштение на СДСМ.
Премиерот Мицкоски уште во јули најави дека од септември ќе продолжат промените и во пониските владини ешалони – заменици-министри и директори. Со реконструкцијата во јули сменети беа 8 министри.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
