Епидемијата на западно-нилска треска активна – 10 хоспитализирани, двајца на Интензивна
Десет хоспитализирани од кои двајца на одделот за интензивно лекување на Инфективна и еден со пост –западно нилски синдром на болничко лекување на неврологија. Ова е моменталната состојба со вест најл вирусот во земјата која покажува дека епидемијата се уште е активна и има нови случаи со најтешката невроинвазивна форма на болеста. Рано е за опуштање велат здравствените власти, имајќи ги во предвид и високите температури во септември.
- Уште во првите комуникации со јавноста ние нагласивме дека врвот се очекува во август и септември. Топлото време овозможува задржување на активностите на комарците и така да приправноста и претпазливоста мора да останат, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Од регистрираните случаи, околу 80 проценти се мажи а најголем број се на возраст над 60 години. Освен во Скопје, според извештајот на Институтот за јавно здравје, случаи на западно нилска треска во последните 4 недели е потврден и во Велес, Куманово, Свети Николе и Кавадарци.
- Мерките се стандардни, штом се открие нов случај се известува локалниот центар за јавно здравје и општината и тие вршат прскање на местото на живеење на новооткриениот а центарот за јавно здравје прави проценка дали треба и нешто дополнително да се направи. А во Скопје се спроведува ново прскање кое е дел од редовните прскања, вели Клековски
Оваа година западно нилска треска е потврдена кај 67 лица а 8 пациенти кои беа хоспитализирани на Инфективна со тешка невроинвазивна форма починаа.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
