Македонија
19. September 2026 - 16:44

Мицкоски ја бара ЕУ на масата со Бугарија

Македонија бара столче за Европската Унија на преговарачката маса со Бугарија за усогласување на акцискиот план за малцинствата. Премиерот Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон вели дека земјава е подготвена да разговара

„Бараме решенија. Јас никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај. По мене, за да дојдеме до еден таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни, ова е двонасочна улица, не може само од едната страна. Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница, бидејќи ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија.“ – вели Мицкоски

Ова не е првпат Владата да бара европско посредување во разговорите со Бугарија но за прв пат земјава сака да го вклучи Брисел во Усогласувањето на акцискиот план за малцинствата. 

Мицкоски кој веќе неколку дена ја предводи владината делегација во САД веќе имаше средби со американски конгресмени, невладини организации и претставници на бизнис секторот. Очекува тоа да резултира со повеќе американски инвестиции во повеќе големи проекти меѓу кои најважна е енергетската инфраструктура. Вели дека е задоволен од билатералните односи меѓу Скопје и Вашингтон

„Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа и дека нивната поддршка останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија“ - вели премиерот Мицкоски.

Мицкоски од Вашингтон патува во Њујорк каде што ќе учествува на Гернеалното Собрание на Обединетите нации и ќе оствари повеќе билатерални средби.