Затвореници влегуваат во штрајк со глас - Упаднале и во контролата на Омбудсманот
Осудениците од КПУ Идризово од утре ќе штрајкуваат со глад. Во писмо испратено до Управата за затворот бараат средба со Народниот правобранител и со Хелсиншкиот комитет.
-Ние осудениците од Н.П.О-одд при К.П.У. „Идризово“ ве известуваме дека од утре, 31 октомври, стапуваме во штрајк со глад поради тешко повредените осуденици на кои не им се укажува лекарска заштита иако се со тешки телесни повреди како последица од полициската акција, велат во писмото.
Заменик-директорот на Идризово не сакаше да сподели информации за најавата за штрајк со глад и нè упати до Управата за извршување на санкции. Оттаму, пак, кратко ни кажаа дека официјален допис за најавата за штрајк не добиле од Затворот, но дека ја следат состојбата во полуотвореното одделение.
Народниот правобранител, пак, вели дека веќе два дена тимови од неговата институција се во затворот и веќе изработуваат извештај за инцидентите во саботата во кој повредени беа 10 полициски службеници и засега непознат број на затвореници.
Доколку осудениците утре влезат во штрајк со глад тогаш постојат посебни протоколи, според кои, Управата на затворот е должна секој ден да ја следи нивната здравствена состојба.
-Прво од медицинскиот персонал кој е во самата установа, доколку тој не е соодветен и стручно и опремен, тогаш се бара помош од Здравствената установа најблиска до подрачјето кадешто се наоѓа Затворот, во случајот Затворот Идризово. Што значи дека Здравствен дом Скопје би бил надлежен да ја овозможи и проверката на нивната здравствена состојба, но и да овозможни соодветен третман, вели Народниот правобранител, Насер Зибери.
Тимот на Зибери барал увид на видео записите од инцидентите во Идризово за да може да дојде до објективно мислење. Прво забележале дека три камери биле свртени на страна и практично не фатиле ништо што се случувало во полуотвореното одделение.
Но и прегледувањето на видео снимките довело до инцидент денеска во Затворот. Кога претставниците на Омбудсманот заедно со информатичар од Идризово ги прегледувале снимките во посебна просторија, која е дел од одделението каде МВР вршеше претрес, упаднале неколку затвореници.
-Дел од затворениците упаднале во просторијата кадешто се прегледува снимениот материјал и затоа е прекинат процесот на прегледување на видео надзорот. Во дел од видео надзорот кој успеале претставниците на институцијата да го прегледаат, да, може да се добие слика за тоа што се случувало, вели Зибери.
За Зибери е нејасно, прво како затворениците воопшто успеале да упаднат во просторијата, но и како добиле информација дека во тој момент некој ги прегледува безбедносните камери.
Народниот правобранител подолг период предупредува на нехумани услови во македонските затвори. Зибери вели дека тоа е главната причина за криумчарењето недозволени супстанци и предмети внатре, што потоа доведува до инциденти, прво меѓу затворениците, а потоа и со надлежните служби.
Официјалната верзија на МВР е дека затворениците ја нападнале полицијата откако дознале дека ќе вршат претрес во ќелиите. Службениците при претресот пронашле дрога, 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила и 71 полнач за телефон.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
