ДУИ: Обединувањето на ВРЕДИ е очаен крик за политички спас
Очаен крик за политички опстанок. Вака опозициската ДУИ реагираше на вчерашното обединување на петте политички субјекти од владиниот албански блок во една партија – Вреди.
Интегративците на Ахмети оценуваат дека копретседавањето на Изет Меџити и Билал Касами е доказ за фрагментирање, а не за обединување, како што било претставено на вчерашниот прв конгрес на новата албанска партија.
„Наместо визија, тие понудија пазар на ега, бидејќи никој не сакаше да му го отстапи местото на другиот, па решија да глумат партија со двајца претседатели.
Вистината е јасна: ВЛЕН се обедини само за заедно да се распадне. Поставувањето на двајца лидери е доказ дека партијата е поделена на фракции уште пред да почне да функционира. Во меѓувреме, додека лидерите самите се прогласуваат, министри и клучни функционери од нивните редови веќе го напуштија бродот, одбивајќи да бидат дел од овој неуспешен проект, наменет само за спас на неколку политички кариери. Албанците не заслужуваат политички експерименти“, коментираат од ДУИ.
Од друга страна, од Вреди и денеска повторуваат дека преминот од коалиција во партија покажува дека во албанскиот блок не владее монопол и дека се работи за вистинска политичка визија за Албанците во државата.
„Ова не беше само организациска одлука, туку чин на одговорност кон Албанците и доказ дека кога заедничкиот интерес се става над тесните интереси, политиката создава решенија, а не поделби. ВЛЕН излезе со јасна визија: политика во служба на човекот. Пристап кој не се храни со страв и поделби, туку се гради врз достоинство, еднаквост, работа и одговорност. На Конгресот беше истакнато дека Албанецот во Северна Македонија не бара привилегии, туку еднаквост; не бара реторика, туку можности; не бара милост, туку правда и интегритет“, одговараат од Вреди.
Партијата вчера го одржа првиот конгрес, каде Меџити и Касами беа избрани за копретседатели со врзан потпис. Мимоза Муса и Беким Ќоку беа избрани за потпретседатели, додека Беким Сали за генерален секретар. Вреди идеолошки се позиционираше како десен центар.
Одржувањето на Конгресот на Денот на Европа му даде дополнителна симболика на ова обединување, повторно потврдувајќи ја определбата за европска интеграција и за праведна и функционална држава.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
