Македонија
9. August 2026 - 16:30

Зголемен број на повредени во сообраќајќи и скршеници поради колабирања бележат во Ургентен на Клинички

Топлотниот бран донесе зголемен број на повредени во сообракајќи во Ургентниот Центар на Клинички. Освен лица кои додека управувале автомобил изгубиле свест поради жештината, неделава на трауматологија оперирале и 5 лица кои возејќи мотори паднале на врелиот асфалт и се здобиле со сериозни скршеници.

- Имаме еден со повреда на врат кој што успеавме да го спасиме. Вчера имавме пациенти кои настрадале во автомобил откако во нив удрило друго возило бидејќи возачот изгубил свест и направил директен судар. Затоа апелирам да се пијат многу течности и да се внимава кога се вози автомобил при вакви доста високи температури, изјави д-р Игор Мерџаноски, директор на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.

Изминатите денови поради високите температури на ТОАРИЛУЦ секојдневно примаат и граѓани кои се здобиле со скршеници при колапсни состојби, но и градежни работници кои паднале додека работеле на отворено кога е најтопло.

- Има доста пациенти кои се паднати колабирани и притоа се здобиле со фрактури, тоа се претежно повозрасни лица кои доажаат кај нас и ги лекуваме оперативно, рече д-р Мерџаноски.

Македонија и денеска се наоѓа во портокалова фаза, и на почетокот на идната недела температурата на некои места ќе го надмине 40 от степен, затоа лекарите советуваат да се почитуваат препораките, пред се да не се излегува од 10 до 17 часот и да се пијат многу течности.