Гасификација, забрзување на изградбата на патиштата и реформи во образованието
Забрзување на изградбата на патната инфраструктурата како и гасификацијата на Пелагонија се едни од главните барања на бизнисмените од овој регион кои ги изнесоа на средбата со претставниците на Стопанската комора на Македонија.
Автопатот Прилеп-Битола се гради со далеку поспоро темпо од она што се ветуваше, карго железничкиот сообраќај се уште го нема, а се бара и автопат Прилеп-Дреново за да се избегне преминот Плетвар. Голем спас стопанството гледа и во гасификацијата.
„Сепак гасот е 20-30% поевтин, а нашиот гасовод е готов, со сите станици во Прилеп и Битола, само треба да видиме ние од Градско да се поврзиме, но и мали фини работи за што поскоро тој гас да влези за да можат компаниите 20-30% да бидат поевтини во делот на трошење на пари за енергенси“, вели Мирко Велкоски, претседател на Регионална стопанска комора Битола.
Реформите во образованието исто така биле неопходни.
„Ние треба да конкурираме на сите тие компании со нови кадри, со нови технологии, кои во моментов нашето образование не ги продуцира. Се надеваме на измени во образовните процеси, на тоа работи и стопанската комора преку обуки и ментори за практична работа. На тој принцип сметаме дека ќе ги едуцираме младите за да можат полесно да најдат работа и да останат овде во нашата држава“, додаде Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
И бизнисмените се согласуваат дека со години Пелагонија беше слепо црево, без поголем интерес за него како од државата така и од инвеститорите. Сега се надеваат на промена на ситуацијата.
„Веќе долго време беше тргната на маргините, првенствено заради слабата патна инфраструктура беше оставена премногу долго време без фокус на тоа како би се вработиле младите луѓе. Така да одливот, особено на младите беше исклучително висок. Сегашните случувања во Европа генерално даваат чувство дека можно е враќање на младите, за што треба да се има генерално добра стратегија, со оглед на тоа дека дури и кога би сакале тие да се вратат, ние би морало да имаме подготвени планови како да се прифатат и да им се даде можност брзо да се реинтегрираат во средината“, изјави Антони Пешев, главен извршен директор на Стопанска комора на Македонија.
Пелагонискиот регион моментално учествувал со 14% од БДП, а неговите можности се далеку поголеми од тоа.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
