За една седмица 75 нови случаи на вирусот западен нил во Грција и шестмина починати

Од почетокот на оваа вирусна сезона, заклучно со вчера претпладне, во Грција се дијагностицирани и пријавени вкупно 232 случаи на зараза со вирусот западен нил, а регистрирани се 19 смртни случаи – според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатата седмица биле потврдени 75 нови случаи, а починале шест лица.
Од ЕОДИ соопштија дека од вкупниот број заразени, 165 лица се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), нивната просечна возраст е 75 години, а кај 67 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.
Од заразените, 73 лица се хоспитализирани, 124 пациенти биле пуштен од болница, а за 16 од случаите не била потребна хоспитализација.
Во однос на починатите, сите биле на возраст над 65 години, со просечна возраст од 85 години.
Доколку се анализираат официјалните податоци, повеќе од половина од случаите (вкупно 137) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, другите 77 се во регионот Тесалија, во северна и централна Грција и на Пелопонез, а 18 случаи се во фаза на епидемиолошко истражување.
Според ЕОДИ, во текот на 2026 година, до 26 август, случаи на инфекција со вирусот западен нил во Грција се регистрирани во 61 општина во земјата и во 18 регионални единици од четири периферии.
– Се очекува во следниот период да бидат дијагностицирани дополнителни случаи како во овие така и во нови области. Особено во регионот Атика годинава е забележана значително поинтензивна циркулација на вирусот, со зголемен број случаи во споредба со претходните години во конкретни делови. Во Европската Унија и во соседните земји, во текот на 2026 година, до 21 август, освен во Грција, случаи на инфекција со вирусот западен нил се регистрирани и во Италија, Романија, Франција, Северна Македонија, Србија, Шпанија, Албанија, Австрија, Германија, Косово и Холандија – информираа од Националната организација за јавно здравје.
Во атинските општини, каде што првпат беа регистрирани случаи на вирусот во претходните денови, беше спроведено вонредно прскање против комарци.
Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгијадис, вчера посочи дека нема потреба од паника и нема притисок во болниците.
– Ова не е најголемиот бран на вирусот западен нил во последните години. Најголемиот беше во 2018 година и сегашните бројки се далеку под тогашните. Бројот на случаи е зголемен во споредба со претходните години, но сепак е многу помал од епидемијата што ја имавме во 2018 година. Затоа, смиреност. Очигледно нема голем притисок врз болниците и, како што реков, нема причина за паника – посочи Георгијадис.
Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.
Вирусот западен нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на западен нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето највисок беше и бројот на починати лица – вкупно 51.
Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од западен нил починаа девет лица.
МИА
Ново на Сител
-

Одбраната го оспорува градежното вештачење за „Пулс“
-

Вашингтон најавува економска офанзива против Иран - Санкции и за земјите што ќе му помагаат на Техеран
-

СДСМ: Цената на бенизите расте, нов удар врз стандардот на граѓаните
-

Мицкоски: Македонија има најниски цени на горивата, состојбата се следи и ќе се носат мерки
-

Ставен во функција електронски регистар „Е-наука“
-

Со нов закон ќе се уредуваат плажите
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Владо Мисајловски, министер за одбрана
