Одбраната го оспорува градежното вештачење за „Пулс“
Обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ го оспоруваат градежното вештачење според кое објектот имал низа пропусти. На наодите на тимот градежни вештаци, денеска во судницата, се спротивставија адвокатите на сопственикот на објектот, Гроздан Милковски и општинскиот градежен инспектор, Огнен Ѓорѓиев.
Според одбраната, пред да биде пренаменет во дискотека, објектот ги исполнувал сите градежни стандарди, а тоа го потврди и градежниот вештак Горан Марковски. Тој пак појасни дека иако во објектот кираџија станал првообвинетиот Дејан Јованов, обврската за пренамена во угостителски објект, била обврска на сопственикот на зградата. Материјалите кои се користеле за просторот да прерасне во дискотека, биле пресудни за катастрофалниот пожар.
„Брзото ширење на пожарот е директна последица на изборот на несоодветни материјали за градба, но нашето вештачење не се занимава со причините за настанување на пожарот“, кажа во судницата, професорот од градежниот факултет Горан Марковски.
Прашањата на адвокатите упатени до градежните вештаци, роднините на загинатите, ги сметаат како обид за одолговлекување на судењето.
Градежното вештачење за „Пулс“ ќе се анализира и на следните судења за пожарот за кој се обвинети 34ца. Според документот, објектот не смеел да се користи како дискотека, вградените материјали биле небезбедни, а просторот немал никаква противпожарна заштита.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
