Македонија
25. August 2026 - 17:40

Мицкоски за изјавата на Јотова: Не навлегувам во дискусија со луѓе заглавени во минатиот век

Македонската Влада нема да влегува во дневни политички препукувања со луѓе кои се заглавени во минатиот век со политиките кои ги водат– вака премиерот Мицкоски одговори на последните провокации на бугарската претседателка Јотова која порача дека со Македонија имале заедничка историја која не се дели. Мицкоски порача дека Владата ги штити државните интереси и интересите на граѓаните, а македонската страна добро знае кои се нејзините позиции кога станува збор за историјата, културното наследство и македонската посебност.

Ваквата реакција следува по неодамнешната изјава на Јотова дека нема да отстапи од борбата за Бугарите во земјава и заедничката историја која не се дели.

Мицкоски и во интервју за Брајтбарт вели дека во моментов се наоѓаме во критична, но и многу чудна ситуација – со Бугарија во НАТО сме сојузници, а во ЕУ истите сојузници наметнуваат вето. Мицкоски е дециден дека членството на Македонија во Европската Унија е безбедносно прашање за регионот и целиот НАТО блок.

„Тие го ослабуваат јужното и источното крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ, бидејќи колку што мојата земја ќе биде економски посилна, толку поотпорно ќе биде источното крило на НАТО. Ќе можеме многу побрзо да ги модернизираме нашите вооружени сили и да инвестираме повеќе во коридорите кои се важни од логистички аспект за НАТО. Значи, постојат многу причини зошто треба да бидеме дел од ЕУ, а тоа е уште една причина САД и администрацијата на претседателот Трамп да нè поддржат во оваа насока“, изјави Мицкоски во интервјуто.

Мицкоски порачува дека освен силната соработка и поддршка за администрацијата на Трамп, втората пресвртница за Македонија е да бидеме дел од ЕУ.

Македонскиот премиер патува со САД на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде се надева на средба и со американскиот претседател Доналд Трамп, а посетата да ја искристи да ги испрати позициите за интегративниот пат и за склучување на нови договори со стратешкиот партнер.