Македонија
25. August 2026 - 17:39

Кос: Мора да се промени начинот на проширување на Европската Унија

„Светот се промени, а со тоа мора да се промени и проширувањето“, порачала еврокомесарката за проширување Марта Кос, најавувајќи голема ревизија на политиката со која Европската Унија ќе се подготвува за прием на нови членки.

Еуроњус повикувајќи се на свои извори пишува дека Кос ги презентирала новите правила за проширување на Конференција на амбасадори во Загреб. Една од најважните пораки е дека кандидатите можеби нема да мора да чекаат до полноправното членство за да ги почувствуваат придобивките од ЕУ, преку постепено членство, и можност за приклучување кон Единствената европска зона за плаќања (SEPA) или поврзување со енергетската мрежа на Унијата  

„Проширувањето на ЕУ мора да еволуира за да одговори на денешната реалност. Процесот на пристапување може да трае со децении, што противниците на ЕУ би можеле да го искористат за политички притисок и опструкции. Затоа мора да ја напуштиме логиката „сè или ништо“. Ни треба поструктуриран пристап за да го надоместиме времето што повеќе го немаме. Мора да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција“, порачала Кос на конференцијата.

Брисел истовремено размислува и за промени во начинот на носење одлуки, бидејќи со повеќе од 30 членки консензусот би можел уште повеќе да го забавува функционирањето на Унијата.

Според Кос „Ова би можело да значи намалување на бројот на области каде што една земја може да ги блокира сите други“.

Во фокусот на новиот пристап се земјите од Западен Балкан, но и Украина и Молдавија. Кос особено го посочила напредокот на Црна Гора и Албанија, како и техничкиот напредок на Украина и Молдавија. Но, пораката од Брисел е и дека нема да има отстапување од владеењето на правото и демократските стандарди. Кос најавува посилни заштитни механизми за идните членки, за да не дојде до назадување по нивниот прием.

„Мора да се осигураме дека нема да добиеме тројански коњи, ниту денес ниту за 10 или 20 години“, предупредила Кос.

Според Еуроњус на ваков начин Унијата испраќа порака до земјите кандидатки дека по повеќе години сериозно се подготвува за ново проширување.

Сепак за ова да стане реалност, лидерите на ЕУ се очекува новата иницијатива да ја разгледуваат на високо ниво во октомври.