Македонија
11. јуни 2023 - 16:32

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без промена на позициите околу уставните измени - ДУИ најавува заминување, БЕСА одбива влез во широка коалиција

Опозициската ВМРО ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори веднаш, бидејќи власта нема двотретинско мнозинство за уставни измени- Потпретседателот на партијата Александар Николовски преку објава на социјалните мрежи вели дека опозицијата никогаш нема да прифати измени под бугарски диктат.

- 2/3 во Собранието немаат и никогаш нема да имаат! Од ВМРО ДПМНЕ подршка за уставни измени под Бугарски диктат нема и нема да има! Најдобар доказ за ова е што предлогот за уставни измени не го ставаат на гласање! Прифаќање на Бугарски диктат нема, но може да има заштита на националните интереси и наместо да се приклучат одлучија да прават негативна кампања со невистини демек ВМРО ДПМНЕ прифатил нешто, а јасно е година дена дека не прифаќаме ништо од нивните лоши одлуки за Македонија!, кажа Александар Николовски.

Премиерот пак тврди дека Мицкоски се согласил на менување на уставот. Затоа бара да остане на тој став бидејќи бил добра основа за напредок во процесот.

- Во Собранието не можеше да се слушне ниту мојот глас ниту гласот на пратениците. Но јас бев убеден дека вистинскиот глас ќе го слушнат и ќе се приклучат на праведната цел.  Затоа што праведна цел е да обезбедиме  европска иднина за нашите сегашни и идни генерации, рече Ковачевски. И сега одеднаш, со една изјава, на прес конференција се тоа не важи. Одеднаш не е проблем делови од бугарскиот народ да влезат во Уставот. Со една изјава прифатливи се уставните измени, прифатено е учество во Влада со СДСМ и други партии. НЕ стана ДА. Затоа што ДА е секогаш посилно од НЕ, порача Ковачевски, од трибина во Кавадарци, кажа Ковачевски.

А барањето на опозицијата за одложено дејство на евентуални измени е спроведливо согласно законот за спроведување на Уставот, вели професорот по уставно право, Александар Спасеновски во изјава за Радио слободна Европа.

Од ДУИ велат дека се подготвени да ја напуштат Владата уште истиот ден кога ќе стапат на сила уставните измени, ако тоа е услов за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ при гласањето.

Сепак не се сите единствени за идејата за широка влада. Касами одбива да биде дел од таков состав. Движењето Беса ќе влезело во Владата дури по следните парламентарни избори како победник на тие избори во албанскиот политички блок.

Досега почнувајќи од ’91- ва, македонскиот Устав дури осум пати трпел измени.