Македонија
9. October 2023 - 16:39

Владата уверува дека бара начин за евакуација, Македонците во Израел бараат решение

Македонската амбасада во Тел Авив работи на евакуација на македонските државјани од Израел. Според информациите од МНР, повеќе од 100 македонски државјани побарале да бидат евакуирани. Неколкумина од нив биле затекнати во кризните подрачја и се работи на нивен трансфер на безбедна локација од каде би можеле да се упатат кон Македонија.

-Амбасадата работи. Таму имаме в.д. амбасадор коишто работат деноноќно. Дел можеби не можат веднаш да го добијат телефонскиот број со оглед на тоа дека навистина нон-стоп ѕвонат телефоните во амбасадата. Меѓутоа Кризниот штаб 24 часа работи во МНР, мојот кабинет е вклучен, МВР навистина е на располагање, и министерот Спасовски. И ќе направиме се за да може секој граѓанин да може да биде на безбедно и да може да се врати, вели премиерот Ковачевски.

Сител контактираше неколку македонски државјани кои живеат во Израел. Сите сведочат за стравот со кој се соочуваат и силните сирени кои постојано ги слушаат. Храна и вода имаат за неколку дена. Иако велат дека тоа не недостасува, поради големата мобилизација може да дојде до логистички проблеми, па мораат да штедат.

Една Македонка, која не сакаше да зборува јавно, рече дека не може да чека на МНР и веќе за утре има обезбедено карта за Скопје.

Друга македонска државјанка вели дека веднаш била исконтактирана од македонската амбасада и е на листа на чекање за евакуација. Таа живее во централен Израел каде ситуацијата е безбедна и нема опасност од военото крило на ХАМАС. Но, поради безбедносни причини не знае кога ќе биде евакуирана.

-Имаме комуникација и чекаме да ни дадат упатство за како да постапиме и кога како ќе се случува. Единствено чекаме да има лет за Скопје и тоа е тоа.

-Ви кажаа нешто од прилика кога би се организирал тој лет?

-Не, не знаеме ништо, буквално во знак прашалник сме, вели Мери Филиповска.

Рахел Шали Друмер е македонска Еврејка која живее на околу 10 километри од Тел Авив. Вели дека е безбедна, но не размислува за евакуација во Македонија.

-Значи, не сме загрозени, но сепак седиме дома. Треба да бидеме блиску до скривници. Денеска, пред еден час имавме сирена. Немаме друго место. Мене Македонија ми е дома, имам многу блиски пријатели кои ме поканија да дојдам, ми направија место. Ама, државата на Израел е Еврејска и тоа е домот на еврејскиот народ. Немаме ние ниту едно друго место на светот, освен тука, вели Шали Друмер.

Во војната која во саботата ја започна военото крило на ХАМАС таа веќе загубила двајца блиски пријатели. Едниот од нив е градоначалникот кој беше во Битола на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи. Другиот бил активист кој во Газа работел на смирување на тензиите меѓу Израел и Палестина.

Иако израелските безбедносни сили го истераа ХАМАС од израелска територија и веќе напаѓа на Газа, Шали Друмер вели ситуацијата била страшна, а терористичката организација извршиле големи злосторства.

-Страшно. Значи, клање на цели семејства, на деца, на стари луѓе, на инвалиди. Кој може да мисли дека бебе од половина година или баба од 85 години? Тоа е ненормално, што значи тоа? Зошто? За што? А цели семејства беа колени.Сега полека полека се откриваат сликите и мислам дека најлошото уште не го видовме.

Шали Друмер вели дека моралот меѓу населението и безбедносните сили е висок и е убедена дека оваа војна ќе заврши брзо.

Аеродромот во Тел Авив е отворен, па македонските државјани можат и во сопствена режија да го напуштат Израел.  Меѓутоа, проблем е што предност имаат израелските државјани.