Македонија
16. January 2023 - 16:42

Владата ќе проверува дали е точно дека 41,5% од вработените во администрација се етнички Албанци

Се вработуваат ли повеќе Албанци од процентите за правична застапеност во јавната администрација? 

Оваа дилема ја отвори изјавата на првиот вицепремиер Груби на настан на ДУИ дека процентот на нововработени Албанци под државна капа е над 40 отсто.

„Работите што ги направивме не се малку, има ли Албанци кои велат дека не сме подобри од порано и посилни од било кога. Вработени се 41,5 отсто од Албанците. Ова е  реалност, не се само зборови туку и со дела и го спроведуваме. “, рекол Груби пред сопартијците во Чегране.

Рамковно вработените со години предизвикуваат реакции во јавноста. Најголем проблем беше што над 10 илјади Албанци само за да се постигне правичната застапеност земаа плата без да одат на работа. Проблем настана и со Балансерот според кој наместо 24,3 отсто согласно Пописот, во јавна администрација треба да се вработат 31,54 отсто Албанци, броејќи ја и дијаспората.

Од Владата велат дека ќе ги проверат бројките на Груби.

Од опозициската Левица пак, коментираат иако не се работи за севкупно вработени Албанци во јавната администрација процентот е превисок по сите параметри.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат и дека на истиот партиски настан на ДУИ говорел и собранискиот спикер Талат Џафери, иако според Уставот неговата функција е неспојива со ниедна друга.

„Дали Талат Џафери на Информативната средба „Заедно за Европа“ на претседавачот на ДУИ Али Ахмети, со граѓаните во Гостивар, во средното техничко училиште, присуствуваше како  - член на Централниот одбор на ДУИ или  - како претседател на Собранието?

Од кабиентот на Џафери без став за партиското учество на спикерот.