Викендов ќе се чека потпис за Чебрен, после ќе се активира банкарска гаранција
Грчката компанија Архиродон не го потпиша договорот за Чебрен на последниот работен ден од годината. Но, министерката Шукова вели дека мора да почекааат до крајниот рок – 31, за евентулно да не стигне по пошта или електронски.
Потоа Владата, на 2 јануари ќе одлучува за активирање на банкарската гаранција, вредна 1,4 милиони евра. Но, се поизвесно е дека и 14-тиот тендер за изградба на хидроцентралата, ќе пропадне. Грчката компанија барала измена на тендерските услови, затоа што не биле исти со владината одлука. Но, премиерот вели дека менување на процедурата нема да има.
- На компанијата која беше избрана од страна на Комисијата останува да го потпише договорот, односно да продолжи со процедурата на формирање на заедничка компанија со ЕСМ или тоа да не го направи. Меѓутоа, јас не можам да ја прејудицирам нивната одлука, а сите детали ги имаат во МЖСПП кое што е и овластено да разговара и да потпише се што е потребно во иднина, изјави Ковачевски.
Против Чебрен да го гради странска компанија, која би стопанисувала со него 60 години е и Здружението на инженери, кои поднесоа преставка до неколку институции, меѓу кои и претседателот Пендаровски. Сметаат дека државата има капацитет и знаење да го изгради овој капитален проект, а парите наместо да се одлеваат во странство- ќе завршат дома.
Инаку Архиродон, согласно тендерската постапка, за 1 милијарда евра треба да ја изгради хидроцентралата на Црна Река. Во следните 6 децении ќе стопасува со 2/3 од Чебрен, а остатокот ќе биде на државата. По истекот на периодот, хидроцентралата треба да биде дадена во целосна сопственост на државата.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
