Нема македонски граѓани на крузерот каде има хантавирус - ИЈЗ ја следи состојбата
Нема македонски државјани на крузерот каде се појави епидемија на хантавирус. Од ИЈЗ информираат дека ја следат состојбата и засега нема простор за паника.
- ИЈЗ е подготвен со протоколи доколку има потреба од каква било реакција, а воедно ги поседува потребните реагенси, опрема, кадар, методологија за дијагностика ако има потреба. Нема простор за каква било паника, бидејќи не постои опасност од појава на хантавирусот, ниту ризик за македонските граѓани што е најважно во овој момент., изјави Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ
Од ИЈЗ велат дека хантавирусот не е нов и претходно бил регистриран во Македонија, но се работело за Европско –Азискиот тип кој се пренесува преку глодари и страдаат бубрезите. Од 2015 –та кога почнал да се детектира кај нас сме имале 32 случаи, а 3 лица починале. Во 2018-та имало и епидемија во гостиварско бачило.
Американскиот тип на овој вирус кој е откриен кај патниците на крузерот, а може да се пренесува и респираторно помеѓу луѓе не е евидентиран во земјава.
- Без оглед што ваков тип не е дијагностициран во моментот, се препорачува граѓаните да имаат високо ниво на хигиена особено да избегнуваат храна од магацини, пазари, семки, сончогледи и конзерви кои стоеле во магацини или кои стоеле на отворено и кои можат да бидат евентуално контаминирани со некаков секрет или екстрет од страна на каков било глодар. Значи да внимаваат посебно на тоа. Како ИЈЗ препорачуваме задолжителна дератизација што треба да ја прават општините два пати во годината да биде спроведена адекватно и соодветно, рече Андоновска.
И од СЗО смируваат дека ситуацијата со хантавирусот не може да се спореди со Ковид.
- Ова не е почеток на пандемија на Ковид. Ова е епидемија што ја гледаме на брод. Има ограничена област. Досега имаме 5 потврдени случаи, но ова не е истата ситуација во која бевме пред 6 години, рече Марија Ван Керхове, директор за управување со епидемија и пандемија на СЗО.
- Иако ова е сериозен инцидент, СЗО го проценува ризикот за јавното здравје како низок, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Холандска брачна двојка и германски државјанин починаа од хантавирус на брод кој плови во Атлантикот и во недла треба да се закотви во Тенерифе. Неколку европски држави пак пријавија сомнителни случаи.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
