Македонија
10. August 2026 - 16:32

Сејф сити се уште не ги казнува странските возачи, деновиве системот започнува да функционира на ГП “Табановце”

Странските државјани кои возат низ македонските патишта поминуваат без казна доколку ги улови системот Безбеден град. Додека домашните возачи секојдневно внимаваат на секој километар на час за да не добијат казна, за возилата со странски таблички овие камери сe уште не важат.

Проблемот е особено изразен во летниот период, кога илјадници странски возила транзитираат низ земјава. Ова значи дека доколку странски државјанин ја надмине дозволената брзина на автопат, а притоа го регистрира само камера од Безбеден град, тој ги напушта границите на Македонија без да плати казна.

Од МВР велат дека деновиве сејф сити ќе почне да функционира на граничниот премин Табановце, а наскоро и на сите гранични премини.

-Системот Безбеден Град деновиве ќе започне со функционирање на Граничниот премин Табановце, каде на сите возачи на возила со странски регистарски таблици кои истиот ги евидентирал дека сториле прекршок или кривично дело на територија РСМ, ќе им се соопшти дека сториле прекршок, ќе им се издаде Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, по што ќе им се понуди да платат или ќе бидат изведени до надлежен суд по брза постапка. Овој начин на функционирање наскоро ќе започне да се применува на сите гранични премини.

Единствената пречка за неодговорните возачи од странство во моментов се полициските службеници, таканаречени пресретнувачи. Од Министерството за внатрешни работи уверуваат дека овие возила се во континуитет присутни и дежураат долж клучните транзитни рути  Коридорот 8 и Коридорот 10.

Меѓутоа, со оглед на огромниот обем на сообраќај за време на летните одмори, физички е невозможно пресретнувачите да ги покријат сите прекршоци што се случуваат на патиштата.