Македонија
13. July 2022 - 16:52

Утре обраќање на Фон дер Лајен па дебата за францускиот предлог

Опозиционерска дебата „против“, а владејачки заклучоци „за“ францускиот предлог  во парламентот. Ваква слика се очеклува пред утрешната седница во Собранието за владината Информација за прифаќање на преговарачката рамка. Пред оваа седница, во пресрет на собраниската одлука, обраќање пред народните избраници по повод францускиот предлог ќе има претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Ставовите меѓу власта и опозицијата пред седницата се се уште поделени, иако исходот е во корист на власта поткрепена со албанската опозиција.

Премиерот Ковачевски, во интервју за МИА вели дека утре во Собранието очекува плодна и суштунска дискусија, но и државнички одлуки.

 „ Очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии....Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите“, вели премиерот во интервјуто.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак, на Фејсбук коментираше:

„ Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот НЕ!“

Од неговата пратеничка група се уште не откриваат како ќе се однесуваат на седницата, но најверојатно за збор ќе се јават сите. Бараат заклучоците од седницата да значат промена на самиот предлог. Од власта пак, велат заклучоците ќе значат гаранција за идентитетот.

Од Алијанса на албанците, уште еднаш потврдија дека ќе дадат поддршка на францускиот предлог.

 „Ние сме за продолжување на ова патување кое поминува низ прифаќање на францускиот предлог. Мислам дека Северна Македонија нема да има подобар предлог за решение на овој спор и затоа дефинитивно мора да продолжиме по овој пат. Албанците не можат да останат заложници на конфликти кои се рециклираат и се повторуваат на секои четири или пет години“

Според кабиентот на спикерот Џафери, утрешната седница се свикува според член 185 од Деловиникот во кој стои дека парламентот може да прави претрес по разни анализи, извештаи, информации и други материјали доставени од Владата, а ваквиот претрес обично завршува со донесување на заклучок. Седницата трае до исцрпување на  листата на говорници. Во овој случај, ако говорат само пратениците на македонската опозиција, се проценува дека таа би траела два до три дена. Одлуката се носи со најмалку 41 глас „за“ од присутни 61 пратеник.